Сведоци од МВР не знаат кој го подготвувал тендерот за „мерцедесот“

Судењето за набавката на „мерцедесот“ ќе продолжи на 21 март.

832

Двајцата сведоци, вработени во Министерството за внатрешни работи, кои денеска беа на судското рочиште во Кривичниот суд не знаат кој ја изготвувал тендерската документација за набавка на „мерцедесот од 600.000 евра.

Едната била вработена во секторот на МВР за менаџмент и јавни набавки, била член на комисијата и присуствувала на отворањето на по понудата.

Таа кажа дека имало само една понуда за оваа јавна набавка, а на прашање на обвинителот од СЈО Стевчо Доневски, дали и е познато кој ја изготвувал тендерската документација за предметот, таа одговори со „не“.

Ист одговор даде и другиот сведок вработен во МВР како советник за набавка на автомобили. Тој бил заменик член на комисијата за набавка на местото на началник од МВР.

Како заменик член, тој во целата оваа постапка бил присутен само кога го заменувал другиот член-началникот.

– Бев присутен само на отворањето на понудата, таа се прочита и толку. Во друго не учествував – рече сведокот.

На денешното рочиште сведочеше и директор на продажба, одговорен за продажба на комерцијални возила (автомобили, товарни возила и др.) од „МакАутоСтар“. Тој рече дека нема информации за набавката на „мерцедесот“ бидејќи тоа било во делокругот на неговиот тогашен колега одговорен за продажба на патнички возила.

– Во фаза на подготовка на понудата бев замолен само дигитално да ја потпишам понудата бидејќи имав дигитален потпис, а се бараше понудата да се достави дигитално. Не сум презел никакви дополнителни дејствија во врска со понудата, сѐ беше подготвено од мојот колега – рече сведокот.

Тој кажа и оти немал никакви контакти со лица од МВР.

На денешното рочиште требаше да биде сослушан уште еден сведок кој не се појави, па судијката рече дека за следното рочиште ќе биде приведен и донесен во судот да сведочи.

Судењето за набавката на „мерцедесот“ ќе продолжи на 21 март.

Во овој предмет на СЈО со име „Тенк” обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...