Бараме од Град Скопје – како и од Владата на РМ – итно и неодложно да ја отповикаат одлуката за изградба на нов мост за моторизиран сообраќај на реката Вардар, велат од иницијативата Мегафон.
„Сметаме дека пробивањето на булевар АСНОМ, покрај хотел „Русија“, преку реката Вардар, ќе го стимулира автомобилскиот сообраќај и градежните активности и со тоа значително ќе се зголеми аерозагадувањето во Аеродром и Лисиче, како и во целиот град.
Потсетуваме дека според студијата од 2016 година изработена од Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, во Скопје и скопскиот регион, сообраќајот учествува со 20% во вкупното загадување со ПМ10 честички во воздухот, додека прашината од неуредени површини, улична прашина и прашината од градежните активности учествува со 19%. Сметаме дека сите емисии на канцерогените ПМ10 честички од изградбата и употребата на новиот мост (уривање на објекти, градежна прашина, употреба на градежна машинерија, зголемен проток на автомобили), ќе завршат во белите дробови на скопјани.
Изградба на нов мост за моторизиран сообраќај во еден од најзагадените градови во светот е бизарен и контрапродуктивен проект. Ги повикуваме општинските власти да се вразумат и да почнат да работат на проекти за подобрување на квалитетот на воздухот како 1) отстранување на 30.000 тони канцероген отпад од депонијата во ОХИС; 2) воведување целосно бесплатен автобуски превоз; 3) подобрување на велосипедската инфраструктура; 4) воведување на електричен трамвај; 5) Итна гасификација на градот; 6) пренамена на градските автобуси од дизел на природен гас.
Цената на проектот од 16 милиони евра е шокантна! (8 милион евра за градежни работи и 8 милиони евра за експропријација). Буџетот на Град Скопје за капитални инвестиции во животна средина за 2018 година е 4.2 милиони евра, т.е. четири пати помал од буџетот за новиот мост!?! Инсистираме планираните средства за новиот мост да се пренаменат во горенаведените предложени идеи“, велат од Мегафон.