Општина Карпош не е во завидна финансиска кондиција. Напротив, станува збор за една од најзадолжените општини, со долг од речиси 15 милиони евра, вели Стефан Богоев, градоначалник на Општината Карпош во интервју за МИА.
-Голем број од проектите, активностите кои општината ги реализирала во минатото воопшто не се исплатени и се оставени на „грбот“ на новата локална власт. Што се однесува од кадровски аспект, се соочуваме со преобемна општинска администрација. Затоа, во изминатиот период, со цел да се зголеми ефикасноста и професионалноста на администрацијата, општината не ги продолжи договорите на дел од лицата кои беа работно ангажирани, но не станува збор за некритичен прекин на договорите, туку лицата или не доаѓаа на работа или не ги извршуваа работните задачи. Општината не смее да биде „стационар“ за згрижување на нестручни лица кои единствено што сработиле е партиската агенда. Тоа е неодржливо и крајно штетно за сите нас – вели Богоев.
Тој потенцира дека се соочуваат со големи проблеми кога станува збор за просториите во кои се сместени.
– Новата општинска зграда, која беше едно од главните ветувања на претходниот градоначалник е исто така проблематична. Не е изведена по првичниот проект и не се запазени процедурите за нејзина изградба. Буквално каде и да погледнете има сомнително и противзаконско работење. Ја очекуваме и конечната верзија од Извештајот на Државниот завод за ревизија кој ќе разјасни многу работи, а се надевам соодветни постапки ќе покренат и надлежните органи. Сепак, и покрај големите финансиски проблеми и милионски долгови, како и квазиурбанизацијата на Карпош, сметам дека имаме капацитет да ја развиваме општината во правилна насока. Со домаќински пристап и одговорно работење ќе покажеме дека промените се можни, потребна е само волја и квалитетен тим на луѓе. А, тоа го поседуваме, нагласи Богоев.