Старо – нови рани

861

Мојот имењак Лозановски (Злате) е безмалу болно во право кога вели дека овде, кај нас, „преземањето нов чекор во крајна линија е или продолжување на некоја од старите рани или отворање нова“. Ние немаме и не можеме да имаме „нови чекори“ зашто старите, проклетите, не’ следат како сенки, јавнати ни се на вратот и од нив куртул нема. Џабе ни е и живот, и нова култура, и божем нови барања и очекувања кога мафиите си функционираат по принципот дај-дам, кога сите имаат некакви стари долгови, или отворени рани / сметки, за лекување или за враќање.

Всушност, Македонија е цел живот на крстопат: помеѓу вчера и денес, историјата и иднината, личното и општото, локалното и глобалното. Оној Аце заакал дури до Индија, ама што фајде. Оставил расклатена „држава“, попат умрел, генералите му го развлекувале пленот, телото и „државата“ … Дури ни од 1990тите не успеавме да воспоставиме владеење на правото и системот, на квалитетот и вредноста пред се’ и над се’. Затоа цело време се бавиме со старонови рани, ги залекуваме ама пак се отвораат зашто лекот ни е лош, бабин, неефикасен. И постојано ни стои некаква грутка во грлото која што не можеме ни да ја голтнеме ниту пак да ја исплукаме. Судбина!

Таа грутка, тој чемер и јад збран во неа еден ден ќе ни дојде до главата. Во неа се стуткани сите зла од оваа земја, сите неспособни и самоумислени, сите бараби и гниди што цели дваесетина години дефилираат низ јавната македонска сцена продавајќи ги своите фрустрации, лаги и идиотизми како народно добро и современа замена за квалитет. А ние ги одгледуваме како национална вредност, несвесни дека бргу се множат, напредуваат, јакнат во нивниот убиствен поход контра се’ што може да заличи на некаква европска Македонија.

Но и тоа не е од вчера. Тие не се паднати од Марс или дојдени од најмрачните тунели на Адот. Сме ги гледале и сме ги слушале пред многу години, не придавајќи им којзнае какво значење односно мислејќи дека се навистина неважни, невредни, неспособни односно некадарни да пореметат којзнае колку во вредносниот систем на државата. Премногу бевме сигурни во себе! А тие ебиветри и секакви други психо типчиња се муваа низ сите благополучни професии, по разноразни периферни и тотално ступидни медиуми и нивни ретардирани рубрики (деск, скопска, некакви „музички“ емисии и сл.), одеа на сите отворања на изложби и други културни настани, беа во првите редови на коктелите и приемите само за да се сликаат со важните политичари … И не било за џабе зашто – оп, преку ноќ, на крилјата на распафтаниот националистичко – злосторнички подем на некоја новокомпонирана номенклатура со фашистички происход во потрага по нова распределба на моќта, тие стануваат важни директори, новинари, професори, уметници, културњаци. Но не само тоа, туку тие се осмелуваат да диктираат што е што и кој е кој, да водат кадровска политика, да расправаат за вредности и истории, за мината и иднини. До вчера се криеа од дневната светлина, бараа поголеми камења под кои што ќе се пикнат за да не ги спржи свежата македонска идеја која што, во суштина, тие ниту можеа да ја разберат. Ама затоа одлично го разбираа(т) говорот на парите и наредбите на малото фирерче. И се строеа. И се зацврстуваа во рововите, (полу)свесни дека ова нивново сепак не може вечно да трае. И уште се во строј! Некои дури и со мисла дека шаткестоно фирерче и неговите мрсни арамии ќе се вратат и тие повторно ќе бидат први виолини. Ама ние како да не сакаме тоа да го видиме? Па и да поверуваме дека и тоа е можно!? Староновите рани ги оставаме незараснати, ама сепак се стремиме кон Европа. Иако тие упорно ни велат дека така не може! Дека раната мора да зацели, да се затвори! Дека на неспособното, на криминалното, на глупото, на некадарното мора да му се каже отворено каде му е местото ако сакате да градите здраво општество. Вака, секоја будала, секој психотик ви диктира темпо, ве вовлекува во негови шеми, ви вреви под прозорец како нездрав за да ја прикрие личната неспособност и, евентуално, криминал. А всушност нема што да се крие зашто овде се’ е веќе јавна тајна!

Затоа и гртуката тендира да расте и да задушува. Не поединечно – тоа е дури и најмалиот проблем, денес бил, утре не си – туку колективно: на здраворазумско, демократско, морално, етичко … рамниште. Како тоа секоја втора бараба стана поважна од чесниот човек во оваа држава? И зошто?

Грутката ќе порасне – и ќе не’ задуши.

(Преземено од Теодосиевски уметност)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...