Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), денеска доби донација од Sport Life, која се состои од два монитора за следење витални параметри со два модула за мерење инванзивен притисок.
– Голема благодарност до компанијата за оваа донација, која е многу важна за работата на медицинскиот кадар, и донација со која значително се подобрува функционирањето на интензивното одделение на КАРИЛ – рече министерот Венко Филипче.
Станува збор за донација од обложувалницата Sport Life, во вредност од 400.000 денари или 6.500 евра.
– Овие монитори се важни за нашата работа, најмногу за пациентите на интензивна нега, за активно следење витални параметри без кои не може едно современо интензивно одделение – изјави директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова Мијовска.
Двата монитора ја имаат функцијата за следење на виталните параметри на пациентите, мерење крвен притисок, пулс и пулс оксиметрија, инванзивен притисок и ЕКГ. Со оваа донација, се подобруваат условите на КАРИЛ и можноста за следење на здравствената состојба на пациентите.
– Sport Life, како општествено одговорна компанија ги поврзува спортот и хуманоста во едно. Особено ни е драго, што во тоа успеавме со акцијата „Голови за победа, голови за радост“, во рамки на Светското првенство во ракомет. Секој гол и успех на нашите ракометари значеше чекор поблиску до реализација на донацијата. Токму денес, имаме чест и да ја доделиме. Тоа се двата монитора за витални параметри кај пациентите, кои во соработка со Министерството за здравство се наменети за клиниката за КАРИЛ. Здравиот живот и хуманоста се дел од нас, дел од спортот и Sport Life – потенцираше претседателот на Управен одбор на групацијата Sport Life, Горан Павиќевиќ.