Специјалната единица „Тигар“ – 37 години најдобри

„Тигрите“ велат дека во секој момент се подготвени за најтешките и најопасните полициски задачи, а покрај тоа ги краси и високиот морал и тимскиот дух, големото другарство и грижата еден за друг.

335

На денешен ден во 1981 година во Министерството за внатрешни работи, во рамките на поранешниот Секретаријат за внатрешни работи на Социјалистичка Република Македонија, е формирана Единицата за специјални задачи, позната како „Тигар“.

Како на почетокот, така и после 37 години, работата во Единицата не е воопшто едноставна, овие луѓе се нешто посебно, тие се „најдобри меѓу најдобрите“. Зад нив стојат поминати часови, денови, месеци и години напорен тренинг, исклучителна ментална и физичка подготвеност, како и искуство од многубројните извршени сложени безбедносни задачи.

Од Одделение на милиција до современа полициска Специјална единица, со истата цел – заштита и одбраната на државата, уставниот поредок и народот на Република Македонија.

Мотото на Единицата „патот до совршенството е бесконечен, затоа патувањето непрекинато трае“ го отсликува стремежот на припадниците со напорна работа да се надградуваат секој ден, се повеќе и со тоа да придонесат во градењето на подобар безбедносен систем за заштита на нашата татковина.

– Триесет и седум години е време на собирање искуство, созревање, посветеност, време кое е плод на сите генерации поминати во Единицата – велат припадниците на „Тигар“.

Од ЕСЗ наведуваат дека, од своето формирање, па сѐ до денес, секој припадник дал свој придонес, бил пожртвуван и оставил печат, на тој начин пишувајќи ја историјата на „Тигар“.

– Извршувајќи ги задачите за зачувување на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните, ЕСЗ ја поднесе најголемата жртва – нејзини припадици ги дадоа животите вршејќи ја својата работа. Таа жртва треба да биде аманет и водилка за сегашните и идните генерации, да опстојат на нивниот пат и да не заборават што значи да се биде припадник на „Тигар“ – истакнуваат од Единицата.

Единицата за специјални задачи одигра важна улога во процесот на осамостојување на Република Македонија. Оваа единицата имаше значаен удел во справувањето со повеќе безбедносни предизвици со кои се соочи Република Македонија на патот од осамостојувањето па се до денес, особено: косовската бегалска криза (1999-2000 година), конфликтот во Македонија во 2001 година, неутрализирањето на криминално-терористичките групи во Брест во 2003 година, Бродец во 2007 година, Радуша во 2010 година и кумановската Дива населба во 2015 година.

Досегашни команданти на Единицата за специјални задачи се Божин Божиновски, Бранко Бојчевски, Добре Апостолоски, Митко Костовски, Љупчо Близнаковски, Тони Мандаровски, Горан Здравковски, Тони Станковски и Славчо Петрушевски. Сегашен командант на Единицата е Митко Доневски.

„Тигрите“ велат дека во секој момент се подготвени за најтешките и најопасните полициски задачи, а покрај тоа ги краси и високиот морал и тимскиот дух, големото другарство и грижата еден за друг.

Најсилните и најтивките бранители се специјализирани за планирање и извршување на најсложени задачи во борба против тероризмот, решавање на заложнички ситуации и ситуации со забарикадирани опасни лица, апсење на криминалци и криминални групи, решавање на ситуации во случај на пружање отпор со огнено оружје, обезбедување на загрозени ВИП личности и објекти, давање асистенција во борбата против организираниот криминал, спасувачки мисии во високопланински и други недостапни терени, обука и едукација на кадри, како и за помош на граѓаните при елементарни и други непогоди.

Симона Митровска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...