Ништо не се крие во случајот со полицајката, целата документација е доставена до Јавното обвинителство, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Кавадарци.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој нагласи дека за тој случај Министерството има соопштено се што имало да соопшти.
– Поднесена е целокупната документација до јавното обвинителство, тоа постапува и сите информации што се однесуваат на случајот ги имате таму. Тие податоци ќе ги добиете од јавниот обвинител. Значи сите информации, податоци, се што е достапно за МВР е доставено во ЈО и се што ве интересира во поглед на оваа истрага која ја води обвинителството, ќе побарате информација од нив. Значи, се што имавме како материјал и како доказ е доставено до обвинителството и во рамките на истаргата која се води, сите информации можат да се најдат само во обвинителството – нагласи министерот.
Спасовски одговори и на прашање поврзано со „Еурокомпозит“.
– Имаме склучено договор врз основа на член 7 од Законот за јавни набавки и тоа е набавка која не можеме да ја соопштиме со јавноста, меѓутоа имаме договор кој е во тек и само треба да се исполнат обврските од страна на Еурокомпозит и од страна на МВР и тоа ќе продолжиме да го правиме. Овој договор не е сокриен туку е договор кој не може да биде јавен. Значи е класифициран врз основа на законите на РМ, а набавката е по член 7 врз Законот за јавни набавки – нагласи Спасовски.