Спасовски: Нема да толерираме загрозување на истраги и постапки ВИДЕО

748

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Д.С., вработен во кабинетот на министерот за внатрешни работи, поради сомнение за сторено кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување.

„Очекувам многу скоро во законски утврдена постапка сомнежот да биде потврден или отфрлен. Оддавање на службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага се казниви дела. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се бориме против криминалот и за било какви потврдeни незаконски активности ќе има нула толеранција. Тоа треба да му биде јасно на секого. Министерството за внатрешни работи нема да толерира загрозување на истраги и постапки. Ова е пораката за секој кој има намера да соработува или да учествува во криминал, без оглед на позицијата која ја има во општеството и институциите“ порача министерот Оливер Спасовски.

Според МВР, пријавениот Д.С. во текот на месец февруари 2018 година, во својство на службено лице, распореден со наредба, државен советник за полициски и криминалистички работи во Кабинетот на Министерот за внатрешни работи, носител на безбедносен сертификат “државна тајна”, со намера да спречи обезбедување докази за водење на кривична постапка, откако со пречекорување на службените овластувања прибавил службена тајна, класифицирана како “Строго доверливо”.

На ден 26.02.2018 година во просторија на здравствена установа во Скопје, на средба со лицето над кое се применувале посебните истражни мерки, на директен начин ѝ ја пренел службената тајна, потенцирајќи и дека над нејзе е во тек примена на посебна истражна мерка што е причината за нивната средба и тоа посебна истражна мерка со која и се следат сите нејзини телефонски броеви и дека над истата се применува мерка следење. Тој ја предупредил да престане да го прави тоа што го прави и да биде внимателна, поради тоа што може во текот на наредните денови да биде применета и друга мерка со користење на прикриен агент (андер кавер агент).

Свесен за оддавањето на службената тајна, побарал од лицето да не го споменува дека од него е добиен податокот, на кој начин пријавениот нанел штета на постапката која што се водела над ова лице, попречувајќи да се обезбедат докази битни за таа постапка, со што истиот го сторил кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување, предвидено и казниво по член 353 од КЗ.

.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...