Спасовски не ги гледал снимките со „пајакот“ и со полицајката

Јавноста ќе ги гледа снимките ако дозволи обвинителството, рече министерот.

955

Јавноста можеби ќе може да ги види снимките во случајот со нападот врз полицајката Јасмина Јаначковска од страна на функционерот на ДУИ Бекир Асани, кој се случи додека се обидувала да го крене негово возило со пајак служба, поради непрописно паркирање, ако тоа го дозволи обвинителството.

Ова вечерва го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговараќи на прашање во интервју за емисијата Топ-тема за можноста јавноста да ги види снимките од безбедносните камери со цел да се увери дека Асани навистина само вербално ја нападнал Јаначкова.

Тој вели дека лично не ја гледал снимката и оти не може да каже дали навистина полицајката се удрила од пајакот.

Асани бил приведен во полициската станица Бит пазар, каде дал исказ, кој е внесен во материјалите во постапката покрената од обвинителството. Бил приведен и поради заканите кон претседателот на ЗНМ Насер Селмани и за тоа е отворена постапка.

– Случајот со полицајката предизвика внимание во јавноста затоа што тој истиот учестувувал во напади врз новинари и други лица и тоа создава револт во јавноста. За конкретниот случај е утврдено дека имало само вербални закани и навреди и врз основа на тоа е поднесена пријава за омаловажување –  рече Спасовски и додаде дека полицајката ја кажала вистината и не била под притисок да ја смени изјавата пред него.

Приведувањето на Драган Симоновски, советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, не е партиска пресметка, изјави вечерва Спасовски.

Симоновски беше приведен на почетокот на месецот првично поради сомнение за поткуп, а потоа се покажа дека во текот на февруари во својство на службено лице, распореден со наредба, државен советник за полициски и криминалистички работи во Кабинетот на министерот за внатрешни работи, носител на безбедносен сертификат „државна тајна“, одал службена тајна на лице кое било предмет на посебни истражни мерки.

– Тој не може и не треба да ги знае тие информации, такви информации не треба да знам ниту јас, а како дошол до тие пи-мерки ќе покаже истрагата. Информациите можел да ги добие од три извори од МВР, ОЈО или од судот. Ова е инцидентет случај –  додаде тој.

Нагласи дека оперативни информации истекувале со години и оти сега прашање е да се воспостави систем во интерес на заштита на граѓаните и државата.

МВР ќе обезбеди логистика и поддршка во истражувањето на кој било процес што ќе го поттикне кој било обвинител, рече Спасовски во врска со случајот „Сопот“, напоменувајќи дека овој предмет го работи СЈО.

Министерството за правда во следните три месеци треба да состави предлог-спогодба за паричен надоместок за 11 жители на кумановското село Сопот, за кој, со докази пред суд, после речиси 15 години, се докажа дека незаконски биле обвинети и минале години во затвор само затоа што лажно, од неколкумина агенти на УБК, од засега само за агентите познати причини, биле уапсени. Станува збор за луѓе кои се земјоделци, кои обвинителството ги обвини дека се терористи.

На прашањето, каква е врската на сопругот на пратеничката Фросина Ременски со случајот „Сопот“, Спасовски истакна дека Министерството е запознаено со обвиненијата против одредени лица, но што понатаму ќе се преземе во тој дел е апсолутно, рече, работа на СЈО.

– Во однос на ова прашање јас апсолутно не знам дали учествувал некој, па и Ременски, меѓутоа кои и да се информациите ќе и бидат соопштени на јавноста благовремено – потенцира министерот.

Според него, сите документи што се побарани од СЈО, му се дадени.

– Доколку имаме какво било ново барање што ќе значи истрага, обезбедување материјали,…, ние сме отворени како Министерство да помогнеме до крај во секоја истрага што пред се ќе расчисти еден настан, а од друга страна ќе даде придонес во враќање на довербата на граѓаните во МВР – подвлече Спасовски.

Додаде дека апсолутно нема да се дозволи какво било политичко влијание.

– Нема апсолутно зошто да штитиме кој било поединец од работа спротивна на законот, меѓутоа сме за истраги да се докажат тие работи што се ставаат на товар -вели тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...