Сите отворени прашања што задираат во верските чувства, макар на еден граѓанин од нашата држава, навлегуваат во најсензитивната сфера и мора многу сериозно да им се пристапува, истакнал Даријан Сотировски, претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по средбата со претставници на здружението „Совест“, од кои ги слушна ставовите за нивната загриженост за градежните работи на Али Пашината џамија во Охрид.
– Комисијата за односи со верските заедници го афирмира својот став решенијата за ваквите прашања да се бараат во отворен разговор меѓу страните, во согласност со закон и постапките предвидени во законот. Во следниот период Комисијата ќе ја мотивира соработката во наоѓање меѓусебно разбирање – се вели во соопштението од КОВЗ.
Сотировски, за време на својот престој во Охрид го посетил и Заводот за заштита на културното наследство и музеј на Охрид, градот под заштита на УНЕСКО и се сретнал со директорката Елеонора Новаковска, со која разговарале за државниот интерес во заштитата на целокупното културно богатство што го поседува Охрид, како и за сите негативни постапки кои го загрозуваат неговиот статус на заштитен град од УНЕСКО изминатите години.