Со кредити од 100 милиони евра ќе се вадат општините од долгови

Долгот на општините е преку 95 отсто кон домашните компании кои работеле за сметка и во име на општините.

499

Сакаме целосно да го спроведеме Законот за рамномерен регионален развој, кој значи сто милиони евра дополнителни пари на општините од она што досега државата го спроведувала и од она што треба дополнително да го обезбедиме како обем, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

– Тоа значи дека во иднина, штом ќе бидат подготвени капацитетите на општините, а се надевам до крајот на 2018 година дека ќе бидат подготвени, ќе се пренесат капиталните инвестиции за изградба на основни и средни училишта од Министерството за образование и наука на општините. Изградбата на градинките, дел од здравствените домови како примарна и превентивна здравствена заштита, веројатно и најголем дел од домовите на култура, освен оние што се од национален интерес кои ќе бидат задржани. Огромен процент на домови на култура сѐ уште се под Министерството за култура и тие треба да бидат симнати на локално ниво – рече Заев по потпишувањето Договор меѓу Министерството за транспорт и врски и ЗЕЛС за пренесување на правото на трајно користење, управување и одржување на информацискиот систем www.gradezno-zemjiste.mk.

Премиерот појасни дека планираат да го пренесат на локално ниво управувањето на шумите и на земјоделското земјиште, како и во делот изградба на патиштата во РМ со цел да се зајакне финансискиот капацитет за изградба на локалните патишта каде се надлежни самите општини, а посебно, рече, дури и регионалните патишта кои имаат регионален аспект, односно важност за еден од осумте плански региони.

– Конечна цел е да ги пренесеме овие огромни суми на пари од сто милиони евра. Со овие многу значајни институции во Република Македонија, граѓаните да почувствуваат унапредување на услугите и унапредување на квалитетот на развојот на инфраструктурата, а не да биде кочница поради тоа што имаме и мали општини со помал капацитет за кои ќе им треба организација во делот на проектирање, имплементирање на одредени конкретни инфраструктурни проекти, но и организација во делот на менаџментот на одредени институции – рече Заев.

Премиерот најави дека размислуваат и во делот на социјалната политика, односно за центрите за социјална работа. Според него, ако се одлучува на локално ниво за центрите за социјална работа, тогаш тие ќе бидат многу потранспарентни, а парите навистина ќе стигнат кај ранливите категории граѓани.

– Тоа во суштина значи дека ќе имаме потранспарентен процес, демократичноста во државата ќе се зголеми, но и ќе значи заштеда на пари за граѓаните на Република Македонија – рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање што се случи со идејата за Владата да се задолжува во име на општината, тој рече дека работат на тоа и оти ги чекаат понудите од банките.

– За нас е многу важно да добиеме колку што е можно пониски каматни стапки и да добиеме можност по пат на преговарање за исплата на сите тие долгови кои општините ги имаат кон добавувачите и да добиеме подобри услови – рече Заев.

Тој изрази надеж дека наскоро ќе можат да соопштат конечно која е одлуката околу тоа како ќе го финансираат тој дел. Одлуката, како што рече, е веќе донесена за државата да подигне кредит, да го пренесе на општините да ги исплатат своите обврски кон добавувачите, некаде околу 120 милиони евра, а самиот кредит го враќаат општините на подолг рок од 15 или 20 години со пониски каматни стапки. Очекуваат два, два и пол, три отсто каматни стапки кои за сметка на денешните 13 отсто кои ги плаќаат како затезни камати општините за сите долгови коишто се доспеани кон нив.

– Ние веруваме дека на тој начин ќе ги растовариме општините, ќе им дадеме ветер во грб за нивно унапредување во иднина, но исто така овие пари стигнуваат и до домашните компании на кои им должат општините. Истовремено, свесни сме дека парите ќе се искористат за нови инвестиции во Република Македонија – рече Заев.

Додека чекаат понуди од меѓународни институции, се разговара со домашните банки ако се подготвени да направат конзорциум на понуда со таква сума, од околу 120 милиони евра и доколку бидат конкурентни на меѓународните банки, додаде Заев, тогаш би ги избрале токму домашните банки.

– Долгот на општините е преку 95 отсто кон домашните компании кои работеле за сметка и во име на општините – рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...