Снимката за случајот Поткуп во кој обвинет е премиерот Зоран Заев нема да се гледа денеска, бидејќи обвинителството инсистираа јавноста да не ја гледа снимката.
Обвинителството побарало од судот писмено да им достави одлука на странките за тоа дали јавноста може да присуствува за потоа да може да поднесе жалба.
Судијата Дарко Тодоровски рече дека судакиот совет не ја гледал снимката, прво ќе ја гледа па потоа уште еднаш ќе одлучи дали јавноста ќе биде присутна во судницата кога ќе се гледа снимката.
Иако снимката нема да се гледа денеска, во судницата продолжи рочиштето на кое во тек е сведочењето на бизнисменот Иван Николов кој се наоѓа на снимката заедно со Заев.
Инаку, снимката која денес требаше да биде пуштена во судница е доказ на обвинителството во овој случај против премиерот Зоран Заев, кој според обвинението, додека бил градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.
Дел од снимката беше објавена во 2015-та кога Заев јавно ги објавуваше „бомбите“, ноќта кога беше организирано објавување на разговорите во Универзална сала. Заев од тогаш тврдеше дека снимката не е целосно објавена и е извадена од контекст.
На минатото рочиште за овој предмет тој и неговите адвокати побараа снимката да биде презентирана пред јавноста и пред новинарите за да можат граѓаните да имаат свој впечаток за тоа што се случувало и за што всушност се разговарало.
Обвинителката од организиран криминал и корупција Валентина Бислимовска се противеше на тоа, но судијата Дарко Тодоровски го прифати барањето на одбраната и дозволи денес на презентацијата на снимката во судница да бидат присутни и новинарите.