Еден Фејсбук статус прашува отприлика вака: како би изгледала државава кога во неа би зборувале само тие што знаат што зборуваат? Како? Идеално. Идеална држава – громогласна тишина. Особено кога т.н. национални тв медиуми, посебно оние со презервативна провениенција, ќе престанат да ги еманираат нивните будалаштини! Ќе се појави, се разбира, некаде, некој проблесок на умна мисла / збор, есеј, критика. Е дури тогаш ќе пристигне животот во државава. Зашто ова тоа не е. Каков живот, какви „бакрачи“, какво време дојде човек не може со денови око да склопи. Сѐ некој – да не речам секоја партиска или медископрезервативска будала – се занимава со него, го развлекува низ (особено) националниот етер како ќе стигне, му оценува стручност и компетентност, па домашно воспитување, му лепи државнослужбенички жолти ѕвезди … Ама, од друга страна, и мене све ме бутаат по некакви озлогласени комисии и работни групи, како да нема некаква пристојна работа да се заврши за власта. На пример: работна група за подготовка на мемоари на малоно фирерче! Што би му фалело на тоа? Или комисија за споменичко одбележување на придонесот на презервативните медиуми во уривањето на македонската демократија? Тоа би биле ефектни потфати на кои што оваа држава и оваа култура би требало да им обрне сериозно внимание, нели. Особено денес. Ем, плус, човек ќе си добие заслужени пофалби од погореспомнатите, како од меродавни проценители во сегашниот македонски јавен простор. Иако, колку за утеха, ај да се некои сериозни капацитети, некои новинарчишта, учени и научени, па воспитани. Не бре, оно све бараба до бараба, со цел живот во наводници, во нормални земји одвај би им дале да бришат прашина и чистат геризи, ама овде се „политичари“, „новинари“, „уредници“ … да те бог сачува. И пљампаат ли, пљампаат.
Елем, последниот потфат на овие националниве, оној што буквално ме остави без сон, беше грижата за иднината на оној „патриотски“ музеј со најдолго име на светот. Како тие да го граделе, јеботе. Кога го слушате оној бандоглавион „новинар“ како, намуртен, и со торжествен глас ја чита штимуваната штабквартирна (Тричковски) прозивка, како лепи квалификации за нечија стручност повикувајќи се на злосторнички прогласи на една малоумна бандитска дружина, се прашувате: што ли си мислат странцине кога слушаат вакви бљувотини по националните иморални (Ордановски) телевизии? Како ли навистина не’ гледаат? И какви извештаи испраќаат дома, за нас? Тоа е, можеби, вистинската грижа на оваа држава и нејзината култура, сега и овде. Некој ќе рече: а што е важно како нѐ гледаат странците? Важно е, за културите од овој наш тип – и тука не мислам само на „големината“ на земјата – е особено важно каков генерален впечаток остава во светот. А ние – оставаме (некаков) впечаток, или …? На пример, впечаток на – сматок?!
Не дека идиоти можат да ни ја земат стручноста, ама дотаму ли стаса оваа култура секој шалабајзер или спонзоруша со два грама ум да оценува нечија стручност и компетентност? И каква е таа верност на овие кон силите на Злото, со што, колку и како е плаќана? Ќе го истражи ли некој тоа, некогаш?
И, понатаму, како никој во оваа иморално-медиумска империја на Злото не ги постави истите прашања за стручност и компетентност кога фирерчено, со неговиот психо пајташ – оној кој ужива да бута луѓе во ендек – ги шнајдерисуваа дијагоналите токму на овој „музеј“ за кој што, сега, се крена таква фрка во јавноста? Како никој тогаш не праша: абе што образование, и стручност, имаат тие две будали па да смислуваат „концепт“ за еден музеј? Та оној нели беше некој брокер, боксер, што ли, а не историчар, музеалец или нешто слично? Или тој да ти бил постручен, или можеби најстручен и за таа работа? И зошто тогаш оној тикварон од дотичната „телевизија“ не излезе со таков коментар за неговата стручност?
Или, ако веќе инсистираат, во што тоа, во кои сегменти беше постручна онаа нивна полит-комисија од тодоровско-ачковистички маштаб со видени цели два музеи во вкупниот нивен „стручен“ живот, на кои одвреме навреме им се приклучуваа и сматоци од „уметничката“ фела? Како, на пример, оној професорон-препишувач кој денес не успева, иако крваво настојува, да си ги домие рацете од сите негови злосторнички замешателства во „уметничкото“ минато на државава во злосторничката деценија? Па згора, со нив и едно стуткано полуписмено вајарче партиски промовирано дури во „проф“ (и со очигледен конфликт на интереси!), плус некакви изџвакани припрости координатор(к)и од моронската партијна номенклатура на Министерството за култура. И сите тие беа, демек, стручни и компетентни да прават музеј – на што и да е’, нека е и на селски вмронски опинци – ама овие сега се нестручни и некомпетентни да ја оценат нивната „работа“?! Па бар да беше некоја работа! И што е тоа што толку ги здоболе сите овие сматок-стручњаци: што некој сега ќе го преоценува нивното чедо, квачено и лулано во мрачните ходници на нивните забегани „историски“ умови? Каков музеј, какви глупости. Тие да правеа музеј, можеби и ќе го направеа, иако сега и во тоа се сомневам зашто, кутрите, тави какви што ги дал господ, ни „м“ од музеј не умеат да склепаат. Тие само му правеа историски метании на нивниот партиски газда, водени не од стручност туку – од алчност! И глупост, се разбира. Но за тоа следниот пат.
извор: Теодосиевски уметност