Еден од адвокатите во одбраната Еленко Миланов бара судиите кои биле прислушувани да не му судат на Никола Груевски и на останатите обвинети во случајот „Т.Н.Т.“ за рушењето на „Космос“ на Фијат Цаноски, бизнисмен и претседател на Партијата за европска иднина.
Тој побара од предметот да се изземат сите, двајцата судии Огнен Ставрев и Осман Шабани, како и трите судијки од поротата. Адвокатот Миланов испратил барање до СЈО од каде добил одговор од Катица Јанева дека постојат судии кои биле незаконски прислушувани, а кои постапуваат во предметите на СЈО.
Јанева во одговорот навела дека ваквата околност треба да биде разгледана. Покрај ова, Миланов до судот достави цеде и транскрипт од емисијата 24 Анализа на ТВ 24 каде гостува Катица Јанева и го кажува истото, дека судии кои биле прислушувани постапуваат по предметите од нејзиното обвинителство.
За овој предлог треба да одлучуваат претседателите на Кривичен и Апелација (Иван Џолев и Бајазит Бајазити) и нивните заменици (Бајазит Бајазити и Сафет Кадрии), но адвокатот побара и нивно изземање бидејќи и тие биле меѓу нелегално прислушуваните судии.
Миланов посочи дека ваквото барање судот не треба да го сфати погрешно, туку во насока на зачувување на нивниот интегритет.
Судскиот совет се повлече за да донесе одлука за барањето на адвокатот. По речиси еден час чекање во судница, судиите се вратија и рекоа дека барањето е процесуирано и даде пауза до 15 часот кога се очекува да биде позната одлуката по барањето на адвокатите.
На ова рочиште треба да се слушаат 26 бомби за рушењето на Космос. Груевски кој е првообвинет повторно доцнеше 15 минути за што судијата Ставрев го опомена да не доцни на наредните рочишта.
Покрај Груевски, во Т.Н.Т. обвинети се и екс министерот за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.
Според обвинението на СЈО, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари.