Театарот во Македонија одамна не игра никаква, дури ни споредна, улога во креирањето на стварноста – личната, колективната, општествената. Генерално, тоа е претставата што ја имаме за него и за неговата моќ да ги (и)менува нештата.
Настрада, како и сѐ друго, во драматичните промени на полошо, што се случуваа на големата сцена – со години, секој ден и во секој поглед. Не херојски, не епски, дури не ни многу театрално. Туку, онака, послушнички, понизно, употребен и оставен да глуми театар. Попатна жртва на „фамилијарното“ насилство наречено (културна) политика. Трагедијата, за среќа, не е завршена.
„Опкружени сме со многу фикции, повеќе од кога било во историјата. Особено од една – онаа што тежнее да нѐ одвои. Од вистината. Едно од друго. Да бидеме одвоени. Народ од народ. Жени од мажи. Луѓето од природата“, порача британскиот режисер, филмски и театарски, Сајмон МекБарни по повод вчерашниот Светски ден на театарот.
Тоа одвојување, таа поделба, за нас и кај нас не беше фикција, туку гола, сурова реалност. И тие делби по сите можни линии не го заобиколија театарот. Со тоа што не направи ништо за да се спротивстави, тој само ја заобиколи или, поточно, ја занемари смислата на своето постоење – „да биде место, засолниште, каде што луѓето се собираат и веднаш формираат заедница. Како што правеле отсекогаш“ (МекБарни).
Актерот Сашко Коцев, во својата – македонската – порака, вели дека „Светскиот ден на театарот е одличен повод токму ние, театарските дејци, да ги симнеме маските ставени на нашите лица и да проговориме за вистината“. Но, за да биде театарот заедница, даски што ќе значат живот за сите, сите треба да проговорат за вистината. Според ова што нѐ опкружува, тоа сѐ уште е еднакво на фикција.