Збирката поезија од проектот „Млади поети“ на Агенцијата за млади и спорт предизвика вистинска „бура во чаша вода“ во македонската јавност, откако некој читател, добронамерник, се згрозил од квалитетот на неколку од песните објавени во неа. Работата дотурка до став на Владата и изјава на премиерот лично, кој не гледа проблем што младиот директор, потпишан како уредник, не чита за што дал пари да се објави. „И јас како градоначалник сум финансирал разни книги, па не значи дека сум ги прочитал“ – го утеши Заев својот млад колега-мецена, само заборави да нагласи дали се потпишал како уредник на она што го финансирал, како младиот Каевски, или не. Битна разлика.
Освен што сфативме дека уредник не мора и да чита, сè додека дава пари за издавање, малата „корнишон сапуница“ ни остави зад себе бројни „наравоученија“. Накусо, научивме дека:
– Во Македонија се пишува дебилна поезија, добро тоа не е ново;
– Во Македонија со цел памет се печати и се издава дебилна поезија во „збирки“;
– Во Македонија дебилна поезија се спонзорира од државен буџет?;
– Уредникот на „збирката“ воопшто не ја прочитал, а ја „уредил“ и финансирал!? Така дознаваме какви ветрушки стануваат директори;
– Уредникот/директор мисли дека се дистанцирал од „содржината“ и не смета дека ова е срамота поради која треба да поднесе оставка. Неговите претпоставени имаат разбирање и не му ја бараат. Така дознаваме дека во Македонија царуваат неодговорноста и неспособноста;
– Авторот на песните се дистанцира од содржината!? Всушност, не бил автор, туку го „позајмил“ своето лично име и презиме!? Така дознаваме дека во МК има луѓе што не даваат пет пари за својот личен, а не пак национален идентитет, наспроти сечењето вени „за името“;
– Дебилските стихови ги напишал човек во зрели години и ги објавил под туѓо име!? Така дознаваме дека во МК паметот не доаѓа со годините, и дека кај нас дури и во поезијата (ако е ова поезија) се користат измами и фалсификати.
Не е малку.
(Објавено во Слободен печат од Жарко Јорданоски)