По повод јубилејот – 35 години од воведувањето на летното сметање на времето во Македонија – Владата на својата 60-та седница донесе одлука в недела стрелките на часовникот да се поместат за еден час нанапред. Дека не е во прашање некаков локален владин хир, потврди Министерството за економија. Тоа ја информира јавноста дека одлуката е во согласност со член 5 од Директивата на Европскиот парламент и на Советот и со Информацијата на Европската комисија во сообразност со член 4 од Директивата, објавена во Службениот весник на ЕУ.
Значи, станува збор за важен, ако не и прв, обид да се фати чекор со новото европско време. Бидејќи е директива, операцијата мора да ја спроведеме преку ноќ. И тоа токму преку оваа. Следната, дури и два часа да отидеме напред, ќе биде предоцна.
Владата е убедена дека секој граѓанин, без разлика на пол и карактер, и секоја институција, без оглед на нејзината партиска припадност, сообразно со директивите, доброволно и будно – може и во хоризонтала – од час во час ќе ги следи драматичните промени во зоната на самракот од сабота кон недела. Дека нема да зажали ако жртвува дел од локалното време предвидено за спиење, зашто само така европскиот сон ќе му стане јаве, утре сабајле.
Уште ако помрднувањето на стрелките помине без престрелки – лични, улични, семејни, корпорациски – тоа ќе биде најдобар демант на тврдењата, поточно на фразите од типот: времето (читај: вемерето) не прегазило, не сме во тек со времето, доцниме со децении зад Европа, се вративме во античко време, крајно време е, пет до дванаесет е, се гледа колку е саатот и слично.
Уште еднаш, за да нема недоразбирање: треба и ние нешто навреме да сработиме, ако веќе сакаме времето да работи за нас.
„Слободен удар“