СЛОБОДЕН УДАР Отворена жива рана

И натаму не и е јасно, не само на Могерини, дека на Балканите преземањето нов чекор во крајна линија е или продолжување на некоја од старите рани или отворање нова.

1489
ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET

 

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, порача дека Западен Балкан географски е дел од Европа, но и дека колективно може да стане дел од ЕУ. „Време е да се залечат раните од минатото и да се преземат нови чекори за да се гарантира стабилноста во регионот и цела Европа“, напишала Могерини.

Во право е за географијата, но ако ја прочита, макар и во скратена верзија, колективната историја (на болеста) на земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија (се уште), ќе види дека изразот „раните од минатото“ ја нема истата смисла како во останатиот дел од Европа и треба да се сфати не крајно, туку бескрајно условно. Ако, пак, залечувањето на раните од минатото се постави како услов што ќе мора да го исполнат, тогаш прашање е дали воопшто некогаш овие земји ќе станат членки на Европската унија.

Да не се разбереме погрешно, ама Могерини треба да разбере што значи кога ќе се каже дека раните на овие простори немаат минато. Тие се отсекогаш тука, отворени, живи, витални и, за разлика од државите – ова особено важи за Македонија – имаат огромен потенцијал за опстанок и за развој (само нивната иднина е загарантирана). Европа се уште има проблем да сфати дека тука народите живеат од раните; можеби и страдаат, но страдањето, раната, е нивниот начин на живот.

Оттаму и недоразбирањето со Европа во врска со барањето да се преземат „нови чекори“. И натаму не и е јасно, не само на Могерини, дека на Балканите преземањето нов чекор во крајна линија е или продолжување на некоја од старите рани или отворање нова. Во Македонија, на пример, со преземањето нови „сто чекори“ отворивме античка рана, проширена и надградена. И, еве, како што сме тргнале чекор напред, два назад не можеме да ја затвориме уште сто години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...