Урнат е споменикот на Ќосето пред судската палата, ама споменот и митот за големиот ликвидатор диво, насилнички, интензивно се гради од пред куќите на пратениците од СДСМ. Од една до друга, од ноќ во ноќ. Духовно инспирирана и практично мотивирана од делата на крвникот, толпата, која од сите јазици најдобро го разбира говорот на омраза, собрана пред домот на Фросина Ременски порача (веројатно со гордост) на чист македонски: „Дојде Ќосето!“
Откако со споменикот преку ноќ стана наш современик, Ќосето првпат тргна во акција по налог на поранешниот премиер Никола Груевски (познат нарачател на јаки шамари во политичката борба) за „да ја заврши приказната со таков човек“, мислејќи на Зоран Заев, тогаш опозициски лидер. Сега Заев, како премиер, вели дека лично тој ќе направи се за да ги заштити дечињата на пратениците од теророт и стравот што го шират демонстрантите пред нивните живеалишта.
Но, со луѓе што се спремни да заплашуваат деца, со свештеници што веруваат и се крстат во камата, приказната за Ќосето не само што нема да заврши, туку тој ќе биде промовиран во идол. „Нема да дозволиме да биде стопен споменикот на Андон Ќосето. Тој гордо ќе биде поставен во општина Сопиште“, тврдеше Jане Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, претседател на Советот. Уште помалку споменот на него, употребната вредност на неговото г(о)рдо име, незаборавната слика со ножот во неговата рака.
Ако е во право Бодлер кога вели дека „злото се случува без напори, природно, фатално, а доброто е секогаш продукт на некоја уметност“, тогаш ова зло што толку лесно и природно ни се случува, мора да е продукт на кичот што се градеше и во главите и на плоштадите. Не само преку ноќ. Такви продукти, кои може да бидат фатални, се и споменикот и, особено, споменот на Ќосето.
Злате Лозановски
„Слободен печат“