Слободен удар: Доста е на македонски во Македонија

Во Македонија и натаму сè што се случува, што се замислува, сè што се прави, се прави на македонски начин. За жал. Зашто придавката ни оддалеку не асоцира на нешто добро, напротив.

2339

Со барањето „Во Македонија на македонски“, стотина демонстранти пред Собранието се обидуваа да го изразат својот револт и да ги спречат пратениците од владејачкото мнозинство во намерата да го изгласаат Законот за јазици, попознат како закон за двојазичност.

Во Македонија и натаму сè што се случува, што се замислува, сè што се прави, се прави на македонски начин. За жал. Зашто придавката ни оддалеку не асоцира на нешто добро, напротив. Таа одамна се користи како синоним за неред, за примитивизам, за предавство, за неукост, за нестручност, неодговорност, за несовесност и за слични поведенија. Македонски состојби – некогаш, македонско сценарио – понекогаш, македонска работа – секогаш. Да не се изгубиме во преводот: таа се однесува на сите што живеат во земјата и е заштитен знак за сè што е произведено во Македонија, независно од јазичното, етничкото, верското, културното, историското или географското потекло.

Во конкретниов случај, паролата „Во Македонија на македонски“ сосема одговара – и за поводот и за протестот. Тешко може да се најде (друга) парламентарна демократија во која власта ги носи, или се обидува да ги донесе, законите на мускули, со трикови, со заобиколување или со игнорирање на процедурата предвидена со деловник за работа на законодавниот дом. Или опозиција што во истиот демократски дух, значи со злоупотреба на процедурата (35 илјади амандмани) се обидува да го спречи донесувањето на законот. Некои од оние надвор не пропуштија можност да навестат дека не е исклучено повторно да влезат во Собранието, да се заканат со нов крвав четврток (македонско сценарио).

Премногу, премногу македонски, дури и за Македонија. Штета.

(Објавено во Слободен печат)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...