Промовирајќи ја алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, Роберт Поповски, министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, рече дека со неа го исполниле ветувањето пред граѓаните и дека таа (алатката) е „само уште една активност во реализација на концептот на одговорна, отворена и транспарентна власт. Овој чекор е чекор повеќе до нашата определба. Нула толеранција за корупција и расипништво“. Концептот не само на отворена, туку уште и на транспарентна власт покажа дека од јуни до декември 2017 по ресторани и кафулиња се изеле и се испиле 180.000 евра (по 1.300 на ден), дека најголеми трошаџии биле министрите на ДУИ. Во водство е Крешник Бектеши од економија со 14.000 евра, следува вицепремиерот Бујар Османи со 13.000, па Биљан Саљији за правда со 12.000 евра, а од СДСМ најмногу пари потрошиле министрите за култура и за земјоделство – Роберт Алаѓозовски 9.000, односно Љупчо Николовски 7.000 евра.
Трошењето пари е проблем, особено кога се народни, но ништо помал проблем не е трошењето на нашето време за џабе – ако се согласиме дека времето е пари, нели. Особено кога си носител на функција од кого се очекува да го спроведе концептот на одговорна власт. Која ќе нуди решенија, повеќе отколку што ќе открива проблеми. Сеедно дали кај себе или кај своите претходници. А овој дел од алатката не покажа речиси никакви видливи, уште помалку мерливи резултати. Како што беше ветено пред граѓаните. Ако тие сè уште не можат да направат разлика во квалитет помеѓу овие и оние пред нив, тогаш не вреди многу дали новата власта нивните пари ги троши отворено и транспарентно или само тајно и невидливо, како старата. Накратко: џабе алатот, ако не се знае занатот.
(Објавено во „Слободен печат“)