СЛОБОДЕН УДАР Беќирасани-општество   

Затоа е нормално што таа не се осмели да каже било што за јавност, откако вчера излезе од скопското обвинителство. А тој слободно се врати да го паркира џипот на истото место, пред истата јавност. Доволно за Осми март.

2263

Одамна за Осми март нема протести. Тоа е единствената голема промена во историјата на обесмислувањето на овој ден (денешен). Се друго, суштински важно, што довело да биде прогласен за меѓународен ден на жената остана исто. И денес зборуваме – само тоа и правиме – за семејно насилство во кое најчеста, ако не и единствена жртва е жената; за правото жената да одлучува во врска со абортусот; за правото да биде исто платена со мажот за иста работа; за експлоатацијата и неплатениот женски труд; за правото жената рамноправно (а не со квоти) да учествува во јавниот и политичкиот живот итн., итн.

Сега веќе никој(а) не кажува што точно значи Осми март, што се случувало на тој ден пред сто и кусур години, кои се, на пример, Клара Цеткин и Роза Луксембург, од кога станал меѓународен ден на жената, зошто бил државен празник во Советскиот сојуз, а зошто во СФРЈ дозволиле да биде претворен во „парада пијанства и кича“, никој не прашува дали треба да се искористи како повод за нова борба. Очигледно, овие прашања не само што не заслужуваат одговор, туку не се вредни ни да бидат поставени.

Како сите да се помисрија со судбината дека ова било и ќе остане беќирасани-општество. Да гледа – и, евентуално, да се згрозува – како полицијата го штити насилникот-функционер наместо жртвата-полицајка и да го затвора „случајот“ наместо силеџијата. Затоа сите ја разбираат кога тврди дека не тој, туку таа сама се удрила од пајак-возилото, што требало да го подигне скапиот џип на високиот функционер на владејачката ДУИ. Затоа е нормално што таа не се осмели да каже било што за јавност, откако вчера излезе од скопското обвинителство. А тој слободно се врати да го паркира џипот на истото место, пред истата јавност. Доволно за Осми март.

 

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...