Судењето за насилството во општина Центар ќе продолжи на 19 април, откако на денешното рочиште обвинетите рекоа дека не се чувствуваат виновни.
Во судница се појави и поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски кој не сведочеше долго. Странките се согласија да се земе неговото сведочење пред Нова година кога предметот го судеше друг судија
Главната расправа конечно почна откако минатото рочиште беше одложено поради отворено боледување на обвинетиот Милан Андоновски. Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на рочиштето посочи дека побарало Државниот санитарен и здравствен инспекторат да испрати инспекција со цел да се провери дали се оправдани боледувањата кои ги вадеше Андоновски поради што во три наврати беше одложувано судењето за насилството во Центар.
Инспекторатот испратил екипа во приватната медицинска ординација и специјалистичката државна клиника од каде на Андоновски му беше издадено боледување непосредно пред минатото рочиште во март.
Инспекцијата ги одзела медицинските документации за обвинетиот и ги предала до Лекарската комора и до Фондот за здравствено осигурување од кои што институции била формирана комисија која ги разгледала документите.
-Изготвен е извештај и било констатирано дека при издавање на специјалистичкиот извештај се направени пропусти во повеќе наврати – рече обвинителката Фатиме Фетаи.
Лекарот и специјалистите кои го издавале боледувањето, посочи Фетаи, не ги исполниле потребните прописи, не се направени стандардни лабораториски анализи итн.
Обвинителката посочи дека боледувањата на обвинетиот му се издавани наменски непосредно пред рочиштата. Таа најави и оти против лекарите ќе покренат соодветна постапка.
Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на Милан Андоновски кој според боледувањето имал ларингит.
СЈО уште тогаш посочи дека се сомнева во оправданоста на отсуствата и побара судот да му определи притвор и во затвор тој да се лекува и да пие амоксиклави.
Инаку, на денешното рочиште до судијата Душан Јосифов реагираа и присутните новинари тој да зборува погласно бидејќи не се слушаше јасно.
Судијата рече дека важно е странките да слушнат, а јавноста што слушне тоа, но во продолжение се обиде да биде погласен.