СЈО го разгледува „Монструм“, семејствата прашуваат за паднат телефон на разузнавач

2421

Рочиштето за случајот „Монструм“ повторно е одложено, на него не се појави обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Причината е што списите од предметот пред два дена се испратени во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое има рок од осум дена да одлучи дали ќе го преземе предметот или не.

Овие информации СЈО ги испратило преку писмо до Кривичниот суд со барање денешното рочиште да биде одложено. Судијата Огнен Ставрев следното рочиште го закажа за 17 април.

Читањето на писмото од СЈО во судницата наиде на бурни и емотивни реакции од родителите и семејствата на петте убиени

Знаевме. Срамота. Ова е политички пазар. Претходната власт ни ветуваше едно, оваа друго, Катица Јанева ни вети дека ова ќе и биде прв случај. Децата ни скапуваат во земја, шест години ни го прават ова, беа дел од реакциите на семејствата на жртвите.

– Бараме телефонот на детето да ни се врати под итно. Кој го исклучи телефонот? Многу ни значи да го добиеме кај нас. Нема да дочекаме живи да се заврши судењето – рече еден од родителите.

Помеѓу барањата на семејствата на родителите е и да се откријат имињата на шесте лица кои се поврзани со предметот, а се класифицирани како државна тајна. Родителите велат и дека во автомобилот со кој, според првичното обвинение, се возеле обвинетите, паднал телефон на висок функционер за разузнавање за што бараат да се соопшти кој е и зошто се крие тоа. Тие исто така, бараат и да го видат спорниот автомобил. Тоа возило инаку никогаш не им било покажано ниту на адвокатите на обвинетите. Наместо тоа, како што посочуваа тие на рочиштата кога Врховен суд одлучуваше дали ќе има повторно судење, им биле покажани само фотографии од автомобилот.

За паднатиот телефон на разузнавач во автомобилот, адвокатите, пак, велат дека тие немаат информација.

– Не сум сигурен за такво нешто, што не значи дека не е така. Да оставиме судската постапка да ја утврди вистината – изјави адвокатот Сашо Дуковски за медиумите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...