Израелците сметаат дека да поседуваш оружје е одговорност, а не право.
Во почетокот на 2002 година, додека беснееше Втората интифада, оружјето – најнормално присутно во израелското општество – беше уште повидливо. Во рестораните, во синагогите, а особено на улиците можевте да видите пиштоли вденати во машки ремени или панталони. Една од најблиските пријателки на мојата сопруга држеше пиштол во својата чанта.
Тоа беа опасни времиња во Израел. Повеќе од еднаш, легално вооружени цивили убија или повредија терористи на места што навидум изгледаат безначајни, како продавница за прехрамбени производи. Решив дека и јас треба да добијам дозвола за оружје и веднаш отидов во соодветната владина канцеларија да аплицирам, пишува Даниел Гордис за Блумберг вју.
Ми беше кажано дека ќе морам да ја оправдам мојата „потреба“ за дозвола, и затоа донесов копија од статија за насилството, што ја имав напишано за Њујорк Тајмс магазинот. Укажав дека ќе пишувам повеќе слични текстови и затоа ќе треба да одам на небезбедни места во Ерусалим, каде што живеев. Тоа беше сосема точно. Пополнив формулар со повеќе страници, а ми беше кажано дека ако мојата молба се одбие не ќе можам повторно да поднесам барање. Го потпишав формуларот и го предадов.
Неколку недели подоцна, добив известување по пошта дека мојата апликација е одбиена. Власта мисли дека не ми треба пиштол.
Повеќе од една деценија помина од тогаш, но сѐ уште се сеќавам на лаконското одбивање кога чита за убиствата во Вирџинија Тех, основното училиште во Сенди Хук и сега за Емануел Африканска Методистичката Епископска Црква. Во Израел има оружје буквално насекаде, секако многу повеќе отколку во САД. Сепак, како што забележа Барак Обама во неодамнешниот твит, Американците се убиваат едни со други (по глава на жител) 33 пати почесто од Израелците. Кога живеевме во САД, во било која продавница за оружје да влезев ќе можев да купам пиштол законски. Но, во Израел, дури и при најжестоките борби во Втората интифада, ми беше кажано дека не можам да носам оружје.
Во САД, секоја дискусија за поседување на оружје води до Вториот амандман и гарантираното уставно право. Во Израел, сеприсутноста на оружјето дава погрешна претстава за длабокото чувство дека носењето оружје не е право – тоа е одговорност и трагична неопходност.
На повеќето Израелци кои носат оружје им е дозволено да го имаат бидејќи живеат во опасни подрачја, биле офицери во армијата или во моментот служат во вооружените сили. Па така, на скоро сите Израелци кои имаат оружје првата средба со оружјето им била во армијата.
Долгогодишната традиција во израелските одбранбени сили е концептот на „дохар ха-нешек“ или „чисто оружје“. Регрутите, од главно секуларното општество, се учат дека кога се употребува оружје, тоа мора да биде „чисто“ – термин кој е јасно земен од Библијата. Конфликтот со Палестинците прави конфузија за тоа кој е војник, а кој не. Но, во земја каде речиси сите служат во армијата – во која оружјето е поврзано со бескрајната битка за опстанок на државата – се појави културата на одговорност за оружјето, а не право.
Заедно со чувството на одговорност – и сознанието дека непријателите на Израел, кои живеат недалеку од нас, постојано бараат шанса да украдат оружје – доаѓа зголемената претпазливост. Кога нашите деца беа во војска, се навикнавме да се враќаат дома со оружје, да ги расклопуваат, да ги кријат деловите одделно и да ги заклучуваат вратите на нивните соби секогаш кога не беа во нив. Немаше парадирање наоколу ниту покажување храброст во носењето пиштол; чувството беше дека тоа за жал е неопходно – и опасно. Младите во Израел се учат сериозно да ја сфатат нужноста и опасноста. Тие го носат своето оружје дадено од армијата каде и да одат – дури и на свадби, дури и на плажа.
Израел, се разбира, има ужасни случаи на насилство со оружје. Барух Голдстајн уби 29 лица, а 125 беа повредени во напад на муслимански верници на Гробот на патријарсите во 1994 година. Јигал Амир го уби премиерот Ицак Рабин во 1995 година. Душевно болни војници, како Едем Натан-Зада (кој технички беше дезертер) нападна невини луѓе. Израел има подземје, и повремено наменетите „куршуми“ погодуваат минувачи кои гинат. Израел не е имун на насилство и убиства поврзани со оружје.
Но, како што истакна Обама: И покрај стотиците илјади парчиња оружје кои се поседуваат законски и незаконски во Израел, и покрај притисокот на општеството, Израелците се убиваат меѓу себе со огнено оружје во минимална стапка во однос на Американците. Исто како и САД, Израел е општество засновано врз правата на граѓаните. За разлика од САД, сепак, тие права не се однесуваат на поседување на оружје. Досега, се чини, во тоа е разликата.
Подготви: А.Ј.