Што има Мицкоски да каже за изборите?

ДИК треба да се професионализира, а партиите треба да излезат од државната изборна комисија.

1405

Нема причина да се враќа модел кој претходно бил надминат, затоа што бил лош. Државната изборна комисија претходно беше окупирана само од партиски војници, а потоа беше реформирана, повторно неуспешно, бидејќи оние што беа партиски претставници, ја тераа само партиската агенда, а независните експерти и не излегоа баш најнезависни. Воедно, видовме едно флагрантно, грубо кршење на гласачкото право. ДИК во изминатите два изборни циклуса беше институција која, наместо да ги брани гласачките права, беше институција која ги кршеше гласачките права. Почнувајќи од сѐ што се случуваше со Избирачкиот список, завршувајќи со приговорите и жалбите и сите други проблеми кои го придружуваа ова највисоко државно тело за спроведување на изборите.

Алармантно е тоа што повторно гледаме политички разговори меѓу лидери на партии, наместо да се согледаат суштинските потреби за усогласување на практиките со уставните и законските одредби. Таму каде што законските одредби во кршат Уставот и потребните стандарди за слободни избори во слободна и демократска земја, тие, едноставно, треба да се променат. Ние во овој момент повторно гледаме разговори меѓу партиски лидери. Но, што има Мицкоски да каже за изборите? Гледаме обид да се одоброволи лидер на партија која 11 години го кршеше Уставот и законите, спроведуваше нерегуларни избори, изборни кражби, структурно насилство, корупција… Апсурдно! Премиерот го одоброволува токму тој партиски лидер и му дава отстапки кои се, едноставно, неприфатливи.

Гледаме решенија кои се на повидок, кои едноставно немаат никаква допирна точка со она што ние го очекуваме како јавност, како општество, за да се обезбедат слободни избори – навистина слободни избори. Значи, имаме ситуација во која Државната изборна комисија покажува дека е подложна на политизација, корупција и злоупотреби на јавните пари, склона е кон тоа да троши пари за патни трошоци колку што се доволни да се отиде до месечината и назад, гласачкото право е повредено, а целиот изборен процес е загрозен. Но, тие прашања се решаваат во разговор меѓу двајца лидери. Тоа не може да биде добро решение.

Се зборува за решение во кое 6 месеци пред изборниот процес ќе биде назначена ДИК со претставници од политичките партии. Тоа е целосно неприфатливо, бидејќи е политика на ставање пред свршен чин. Што ако тоа решение се покаже како неуспешно? Вие не ќе можете да менувате ништо, бидејќи шест месеци пред избори тоа не се прави. И повторно ќе имаме ситуација во која јавноста, гласачите, граѓанките и граѓаните, се ставаат пред свршен чин, во рацете на партиски солдати. Никој не ни гарантира дека тие нема да ги слушаат партиските лидерства и кујни, дека нема да спроведуваат политики кои се спротивни на интересите на граѓанките и граѓаните, спротивни на помалите заедници, помалите политички партии и помалите иницијативи. И повторно имаме ситуација во која изборниот процес, уште во овој момент со ваквите разговори, се доведува во сериозно прашање.

ДИК треба да се професионализира, а партиите треба да излезат од државната изборна комисија. Во моментов, во стручните служби има фантастични професионалци, кои можат да го водат ова тело без никаков проблем, кои нема да дозволат мешање на политичките партии. Тоа треба да биде професионално тело, со намален број членови и со процедури кои ги намалуваат можностите за корупција. Тоа треба да биде тело кое ќе се занимава со словото на законот, со уставното право на граѓанките и граѓаните, правото на глас. Ништо повеќе!

Мора да се разбере и запомни дека државата е должна да обезбеди максимални услови за слободно гласање. Тоа е улогата на Државната изборна комисија, а не да биде клуб на прескапо платени партиски војници. Фала многу, пријатно!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...