Градоначалниците на Скопје и Чаир, Петре Шилегов и Висар Ганиу со претставници од „Скопски пазар“ А.Д Скопје и еснафи од Старата скопска чаршија денеска во Занаетчиската комора се сретна со „дивите“ пазарџии што продаваат стока на незаконски поставените тезги во близина на Бит-пазар. Со повеќе од 50 продавачи, разговарале за планот и активностите на Град Скопје за уредување на пазарот и за урбанизирање на јавните површини по должината на булеварот Крсте Мисирков.
– Дојдовме да поразговараме со вас и заедно да најдеме решение. Хаосот на Бит-пазар којшто е долгогодишен проблем мора да се реши. Град Скопје реши да го уреди овој дел од градот, а за таа цел на овој потег ќе се реконструираат тротоарите, ќе се постават столпчиња и жардиниери, ќе се уреди такси-станица, ќе се засадат дрвореди, реконструираат и осветлат пасажите од булеварот кон чаршијата и ќе се ослободат тротоарите од дивопоставените тезги. Поради тоа овозможивме бесплатни тезги за два месеци за пазарџиите што ќе влезат во пазарот и ќе продолжат да работат. Со вашето влегување на пазарот на Бит-пазар сите ќе бидете еднакви, со еднакви услови за работа. Отворено кажувам дека еднакво внимание ќе укажуваме за развој на двете страни на Вардар. Правилата и редот мора да важат насекаде – рече Шилегов на средбата со пазарџиите.
Тој појасни дека по уредувањето на јавните површини кај Бит-пазар, ќе се уредуваат и другите влезови кон чаршијата од плоштадот „Скендербег“ и од кај црквата „Свети Спас.“
Градоначалникот Ганиу на пазарџиите им гарантира тројно повеќе посетители ако се воспостави ред на Бит-пазар.
– Не сакаме никого да оставиме без работа или да го спречиме да си ја продава стоката, затоа предвидуваме транзициски период со бенефиции за да може секој да се снајде – рече Ганиу.