Досега бизнисот пријавил околу 3 милиони денари штета, вирусот може да го запре производството

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи предлага владата, работодавачите  и синдикатите да покажат флексибилност и да изработат меки мерки кои ќе овозможат да се одвива некаков процес на производство за да се намали ударот врз компаниите, но и да се заштитат работниците.

295

Транспортерите, туристичките агенции, угостителите, па и другите сектори веќе пресметуваат штети од намалувањето на работењето поради коронавирусот. Евентуалното неконтролирано ширење на заразата може само да ги зголеми штетите за компаниите, велат бизнисмените. Тие предлагаат флексибилни мерки кои ќе обезбедат заштита на работниците на работните места и непречено производство.

Најголеми штети во овој стадиум од ширењето на коронавирусот во Европа и земјата, велат бизнисмени, имаат туристичките организации, угостителите и транспортерите, но и индустријата нема да биде имуна ако вирусот се шири.

Туристичките организации веќе најавија дека ќе имаат штета од откажувањето на мартовските тури за Италија, но стравуваат дека поради страв е можно откажување на турите во април и во мај што за нив ќе биде дополнителен удар.

– Информациите за штети кои стопанските комори ги сумираа од своите членки даваат бројка од околу 3 милиони денари и тие се поради закуп на авионски билети – соопштија туристичките работници на седница на координативното тело формирано за превенција од последиците на корона вирусот во туризмот.

Штети најавуваат и угостителските капацитети каде што веќе се чувствува намалена посетеност на локалите од граѓаните, а во хотелите се откажуваат гости.

Транспортерите засега имаат работа, но, како што велат од „Макамтранс“, тоа зависи од нарачките од компаниите во земјава и во странство.

– Нашиот сектор прв ги чувствува сите промени во економското живеење. Изборите, непогодите, па и последната ситуација со коронавирусот. Штетите ќе бидат големи со оглед дека веќе е регистрирано намалување на активноста на одделни сектори во земјава и во странство. Ако состојбата потрае ќе биде тешко – вели Билјана Муратовска од организацијата на транспортери „Макамтранс“.

Таа вели дека транспортерите не можат да одлучат да запрат со работа бидејќи 90 отсто од транспортот на стоките од и во земјава се одвива преку патниот сообраќај, но ќе запрат со работа, ако нема што да превезуваат.

– Возачите на камиони ги преземаат сите мерки за заштита поради коронавирусот. Главно се вози по безбедни рути кои се надвор од градските средини, но бидејќи состојбата во одделни земји како Италија се менува од минута во минута возачите имаат обврска редовно да контактираат со добавувачите за да се информираат за промените на рутите и местото на истовар на стоката. При полнење на гориво се користат маски и ракавици, иако главно во сите земји се гарантира сигурност. Сите наши возачи обезбедуваат храна за целото патување, така што имаат многу мала потреба да запираат поради набавка на храна – вели таа.

Компаниите од индустријата тврдат дека сѐ уште имаат нарачки кои треба да ги изработат, но доколку се прошири вирусот во земјата стравуваат дека ќе немаат работници кои ќе можат да го реализираат производството.

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи предлага владата, работодавачите  и синдикатите да покажат флексибилност и да изработат меки мерки кои ќе овозможат да се одвива некаков процес на производство за да се намали ударот врз компаниите, но и да се заштитат работниците.

– Работодавачите заедно со владата ќе треба да обезбедат целосни мерки за заштита на работниците, а работното време да го прилагодат на ситуацијата. Министерството за труд и инспекторите, исто така, ќе треба да преземат мерки кои ќе придонесат за намалување на штетите како за процесот на работа, така и за здравјето на работниците. Владата од своја страна ќе треба да размисли за флексибилно плаќање на придонесите, бидејќи најлошата варијанта ќе биде запирање на секакво производство, состојба која никој не ја сака – вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...