Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска доби покана да се приклучи кон Европскиот совет за надворешни работи која е една од највлијателните паневропски тинк-тенк организации со мисија за поттикнување на кохерентна и ефикасна надворешна политика базирана на европски вредности.
Шекеринска е првиот политичар од Македонија поканет да се приклучи кон овој совет, соопшти Министерството за одбрана.
Поканата ја упати тричлената група копретседавачи со бордот на Советот предводена од Карл Билт, поранешен шведски премиер и еден од политичарите што одигра голема улога во смирување на балканските конфликти по распадот на поранешна Југославија.
Прифаќајќи ја поканата, Шекеринска упати писмо до копретседавачите во кое се заблагодарува на укажаната чест и ја потенцира важната улога на Европскиот совет за надворешни работи како корисна платформа за непосредна комуникација на лидерите.
– Основната цел и мисија на мојата кариера отсекогаш била да ги доближам европските идеали до Македонија, но и да ја доближам Македонија до Европа. Верувам дека Вашиот еминентен Совет претставува исклучителна прилика за мене да продолжам да дејствувам во истата насока. Со задоволство ја прифаќам привилегијата да станам членка на советот на Европскиот советот за надворешни работи, наведува Шекеринска во писмото.
Европскиот совет за надворешни работи има широка мрежа која обединува околу 300 европски политички и бизнис лидери и претставници на граѓански сектор, меѓу кои сегашни и поранешни ЕУ комесари, премиери и министри