Продуцентите на телевизијата РТЛ сакаат пет дена да ја следат Северина за да ги прикажат случувањата во нејзиниот живот зад сцената, но и сето она што ја следи нејзината кариера, пишува српски „Курир“.
Северина Којиќ доби понуда од германската телевизија РТЛ да сними документарен филм во кој би било прикажано како изгледа животот на една од најголемите ѕвезди на Балканот.
Покрај тоа што хрватската пејачка со овој проект би добила одлична реклама и можен пробив на пазарот во Европа, би можела и да профитира. Германците на Северина ѝ понудиле хонорар од 5.000 евра за еден ден снимање, што значи дека за целиот филм би добила вкупно 25.000 евра. Доколку се реализира оваа приказна, гледачите ќе можат да ја видат Севе во најразлични дневни обврски, како во приватниот, така и во нејзиниот професионален живот.
Поголемиот документарец би бил сниман во Загреб, каде што таа живее со сопругот Игор и детето кое го доби од врската со српскиот бизнисмен Милан Поповиќ. Исто така, Германците направиле посебни прилози за тоа како изгледаат нејзините подготовки пред настапите, пробите со бендот, кореографите и танчарите, снимањето на музиката во студиото и сето останато што подразбира работа на една голема пејачка ѕвезда.
Како што дознава „Курир“ од опкружувањето на Северина, нејзе ѝ се допаднала понудата и расположена е да ја прифати доколку термините за снимањето на филмот се поклопат со нејзините обврски. Што се однесува до висината на хонорарот, за тоа посебно не се изјаснувала. Според планот на продуцентите од Германија, филмот би требало да се сними во првата половина на мај, а емитувањето на телевизија е можно веќе до почетокот на летото.