Сертификати за идиоти

282

Во право е Здружението на новинарите на Македонија, во право е Насер Селмани – нема никаква причина од професионална природа шефот на државата да им издава безбедносни сертификати на новинари. Претседателот Ѓорге Иванов треба веднаш да ја прекине таа практика, а доделените безбедносни сертификати мора итно да се одземат или да се вратат. Фатен во сериозен скандал, Иванов потврди дека издавал безбедносни сертификати на новинари, со цел тие да учествуваат во работни тела на седниците на Советот за безбедност, кој треба да ја донесе стратегијата за одбрана. Во соопштението од кабинетот на Иванов пишува дека се оценило дека во овие активности „треба да бидат вклучени и стручни лица – новинари“. И затоа им се издадени сертификати што им овозможуваат пристап до строго доверливи информации. Знаете ли кои се тие новинари „стручни“ да му дадат на претседателот „сугестии како да ја информира јавноста и да ја подигне свеста и безбедносната култура за работата со класифицирани иформации“ и да му помогнат во неговата херојска борба со „лажните вести“ и со „ерозијата на институциите“? Ако не знаете, јас ќе ви кажам – тоа се кодошите на тајната полиција на привремена работа во новинарството. Незгодата е во тоа што Иванов можел да постапи и валкано, па на листата на новинари што треба да добијат безбедносни сертификати да допише и такви што би сакал да ги искомпромитира. Како и да е, јас сум среќен што од Иванов немам добиено таков сертификат. Сѐ што имам добиено од него е една црвена вратоврска, што ми ја испрати по пошта, по повод една моја кавга со неговиот кабинет. Таа вратоврска ќе ја носам на денот кога Ѓорге ќе падне од власт. Откако ќе се случи тоа – се надевам, во интерес на Македонија, што поскоро – јас ќе му издадам безбедносен сертификат да чита „Слободен печат“, со назнака „интерно“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...