Премиерот Зоран Заев вечерва се сретна со американскиот сенатор Крис Марфи кој беше придружуван од амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли.
Владината прес-служба соопшти дека на средбата е констатирано дека Република Македонија се движи во правилната насока, низ реформските процеси во земјата и чекорите на градење пријателства со соседите, на патот кон НАТО и кон ЕУ.
„Сенаторот од САД, Марфи ги охрабри премиерот Заев и Владата да ги понесат позитивните промени за иднината на Република Македонија. Исто така, сенаторот Крис Марфи пренесе дека САД останува искрен пријател на Република Македонија“, стои во соопштението.
Соопштено е и дека Заев во име на граѓаните на Македонија и на Владата, се заблагодарил на сенаторот Марфи за големиот пријател што го има Република Македонија во САД, како и за целата поддршка и помош што ја добиваат граѓаните и државата од САД, во важните демократски процеси.
– Застанавме цврсто за концептот едно општество за сите, во што ја градиме Република Македонија. Се посветивме силно на реформите во државата и на конкретни исчекори во добрососедските односи. Водиме инклузивни политики на дијалог и разбирање. И очекуваме дека тоа ќе биде вреднувано и вратите на НАТО и ЕУ да се отворат за Република Македонија- рече премиерот Заев.
На средбата се разговарало за повеќе актуелни политички прашања во земјава и регионот. Заедничка е согласноста дека иднината на Република Македонија и на целиот регион е во НАТО и ЕУ, се наведува во соопштението.