Владата не презема ништо. Тие се дел од вашата коалиција, врзете си ги кучињата, силеџиите мора да бидат скротени, му порача претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани на министерот без ресор Роберт Поповски задолжен за транспарентност и отчетност.
Поповски, излезе на протестот кој го организираа новинарите и во неговото обраќање рече дека Владата го осудува нападот и оти имаат нула толеранција кон тоа. Тој и порача дека му било мило што пораките се адресирале и до Јавното обвинителство, бидејќи Владата не била единствено надлежна. Покрај него, пред владината зграда излегоа и портпаролот Миле Бошњаковски и други вработени во секторот за односи со јавноста.
Новинарите, пак, ù порачаа на Владата дека е доста од испраќање соопштенија со осуди туку оти конечно треба Владата да преземе нешто, да се покаже на дело.
– Испративме еден режим, ако не се реагира сега ќе дојде нов – беше меѓу реакциите на новинарите.
Денешниот протест следува откако функционерот на ДУИ, Беќир Асани, во скандалозно интервју за порталот Мактел на Саше Политико, го нарече копиле по претседателот на Здружението на новинар на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани.
Претходно, во јавноста беше објавено и дека братот на Асани му се заканувал на Селмани преку пораки.Денешниот протест, како што пишуваше во повикот за протест до новинарите, не е само за поддршка на претседателот на ЗНМ, туку и порака до сите граѓани кои се загрижени за окрепнувањето и чувањето на темелните вредности на правната држава како слободата на говор и владеењето на правото.