Сето она што е ДУИ денеска – и како политика и како кадри и како начин на функционирање – е директен резултат на „школата“ што се разви и усоврши во еднодецениската блиска соработка помеѓу Никола Груевски и Али Ахмети. Таа школа би можела да се опише како една совршена „симфонија“ на тајни кабинетски договарања, на рискантно дозиран национализам и на двете страни, со секогаш добро координирани меѓунационални провокации, следени со висок степен на братство-единство по прашањата на пљачките и „поделбата на пленот“ во заробената држава.
Затоа, кога ќе го видам перспективниот осуденик Груевски како прави аматерски политички театар во Собранието за да го спречи изгласувањето на истиот текст на Законот за јазици што, првично, тој и Ахмети заедно го договориле за да состават влада во декември 2016 година, ми доаѓа веднаш да се посомневам дека и тоа е дел од некаков нивен, макар и неизречен договор, што не може да заврши добро по македонската демократија.
Бидејќи, занимливо, по тој повод, во сите вчерашни хистерични реакции на клонираниот партиски и теледиригираниот државен претседател, бројни клетви се фрлија само врз „предавникот“ Заев и врз тврдоглавиот собраниски претседател Џафери. Ни збор за Ахмети.
Во јавноста, пак, долго се работеше врз создавањето на впечатокот дека од (не)усвојувањето на овој Закон зависи, групно, судбината на Македонија, односно на Македонците и Албанците, поединечно. Од таа исфабрикувана драма, само ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ имаат подолгорочна, националистичка корист. „Маста“ на тој проект допрва ќе му ја вадат: следуваат денови кои политичката класа ќе ги исполни со толкувања, оспорувања, расправии и негирања, со повишен националистички тон, кој ќе треба, по можност, да издржи до вонредните парламентарни избори.
А Законот е потребен и делумно проблематичен, донесен на лош начин, и веројатно го очекува „ремонтот“ на Венецијанската комисија, на Уставниот суд и на дополнителни мериторни собраниски толкувања. Да беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ навистина заинтересирани да се добијат добри законски решенија, таа задача ќе можеше цивилизирано да се одработи. Впрочем, во тие партии седат „експертите“ за поднесување илјадници амандмани за блокирање на собраниската нормална работа.
Вака, со дискурсот што го наметнуваат ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, го ставија СДСМ во временско и политичко „менгеме“ на двојни политички уцени за да можат од неговата политичка штета тие да извлечат некаква корист за себе. Слично како со Законот за територијална поделба, ако памтите…
На крајот, не заборавајте, судирот и за овој несовршен Закон не е (само) деловнички, процедурален или технички, туку е длабоко политички: каква Македонија сакаме, граѓанска или етничка? За тоа, кога нема договор и согласност – а, еве, таа дебата се одвива веќе триесетина години – ќе мора да решава мнозинството во државата и во Собранието. Сегашното мнозинство усвои ваков Закон за јазици.
Сепак, предвидувам дека и овој политички проект, во пошироката јавност, ќе ја доживее судбината на „секое чудо за три дена“. Додуша, деновите ќе бидат три (или тринаесет, сеедно), само што чудото се дуе сè поголемо и поголемо!