Сега Заев е на потег, а не апологетите и критичарите

Несериозно е луѓето кои го поддржаа Заев тогаш кога му беше најтешко и најпотребно да се нарекуваат „колначи“ во неговиот лик и дело. Нему и на неговата влада не им е потребно ни „колнење“ ни „откажување“. Едноставно, на нештата треба да се гледа со отворени очи, а Заев треба да одлучува.

5196

До некаде, можам да ги разберам куртоните и оберкуртоните, кои го приклештиле Заев во својата љубовна, а смртоносна прегратка, та го бранат ли го бранат, од опасните типови какви што сме јас, Владимир Милчин и многу други, од нас кои сме ти биле со намера – ако не сте знаеле, овие парамедиумски пробисвети за тоа ќе ве „известат“ – да го донесеме Мицковски на власт. Се мисли на Мицковски од ВМРО-ДПМНЕ. Кого сум немал чест лично да го запознам, ама кај и да е, ќе мора да се сретнеме, за да го разработиме сите детаљи на планот.

Ги разбирам будалетинкиве, бидејќи сум свесен за нивните проблеми. Тие мора да го „обожуваат“ Заев и кога не им е до тоа, дури и тогаш кога тоа од нив не се бара. Дури и кога Заев е свесен мора да ја одбие нивната љубовна понуда, бидејќи таа багра не чула за „петинг и диско музика“ (Џони Штулиќ), таа запнува онака на суво и после тоа боли и крвари, човече. Куртоните и оберкуртоните не би биле тоа што се кога би имале капацитет тоа да го сфатат. А добиваат залчиња за нивните зинати усти (залчињата, додуша, стануваат сѐ помрсни), па кога куче ќе се навикне на касапница, не разбира дека ѝ ги брка муштериите.

Но велам, сето тоа јас го разбирам. Секогаш виреел и ќе вирее тој троскот. Она што не го разбирам е логичкиот инструментариум, а донекаде и фројдовските грешки, со кои Заев го бранат неговите малку пософистиицрани апологети, а и некои луѓе кои никогаш не сум ги доживувал како такви. Колегата Насер Селмани, на пример, нема ореол на апологет.

И јас навистина немам никакви дилеми за аргументите со кои Насер го опишува политичкиот профил на Заев и неговата (Заева) клучна улога во уривањето на режимот на Груевски. Додуша, не е баш по мојот вкус (толку колку што јас го запознав Заев, тврдам дека не е и по негов вкус), целата заслуга за тој процес да се припише само на еден човек, ниту пак толку да се нагласува само еден битен аспект на процесот (свртувањето на СДСМ кон Албанците), а да се занемарат сите други. Но, ај да не го тупиме, станува збор за нијанси, не спорам со аргументите на колегата Селмани.

Она што е нејасно и што искрено ме вџашува е толкувањето според критиките кон Заев се „откажување“ од него. Тоа е една од причините поради која по Милчиновата изјава дека веќе не верува во Заев (што не е забрането, претпоставувам) напишав дека многу е поважно дали Заев верува во луѓето кои му беа соборци во уривањето на режимот на Груевски. „Несериозно и незрело е една политичка фигура, на која сме се колнеле три години, да се откажеме само по 9 месеци од неговото владеење“, пишува колегата Селмани. Не, колега Насер, несериозно е луѓето кои го поддржаа Заев тогаш кога му беше најтешко и најпотребно да се нарекуваат „колначи“ во неговиот лик и дело. Тие се слободни умови, а не апологети. И јас го поддржував Заев, но последен пат сум се колнел некаде на возраст на 17 години, седнат на куп акцијашки лопати, со гитара в рака – во другарот Тито, се разбира (имам фотографија како доказ).

Ве молам, дами и господо другари, на нештата мора да се погледне со отворени очи. И јас и многу други луѓе ги разбираме проблемите со кои се соочува владата на Заев и сме свесни за преголемите очекувања од неа, кои, патем речено, во кампањата ги поткрена самиот тој. Но, она навистина што е неприфатливо и неодбранливо се проблемите од субјективна природа, грешките и гафовите кои се намножија и што медиумите (слободните, не сите) ги регистрираат речиси секој ден. Еве, вклучително и денешниов ден, кога топ тема во медиумите се огромните наплатени патни трошоци на пратениците, кои со своето однесување (гарнирано со „колнење“ во Заев) го уриваат кредибилитетот на оваа влада.

И конечно, за малата фројдовска замка, во која, сигурен сум ненамерно, паднал Селмани. „Рано е да се откажеме од Заев“, вели тој во насловот на својата колумна. Сѐ што е рано, ќе созрее. Крушата што ќе се роди, порано или подоцна ќе ја скинеме или сама ќе падне на земја. А денот по утрото се познава, нели. Не, јас не мислам дека е рано или е време или можеби е доцна да се „откажеме“ од Заев. Тоа не е темата за која разговараат искрените и добронамерни критичари на владата на Заев. „Откажува“ и „закажува“ народот, на избори. Обратно, мислам дека сега е време Заев да одлучи дали, од што и од кого ќе се откаже, или обратно, дали, кон што, па и кон кого ќе се приклони. Човекот, да повторам, е избран од народот и има целосен легитимитет да донесе таква одлука.

Се разбира, при тоа тој треба да биде свесен дека нашиот пат не е ништо друго освен збирка на одлуки што самите ги носиме. Така е во животот, така е и во политиката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...