Решение на проблемот со извозот на српско брашно во Македонија, се очекува од денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и вицепремиерот и министер за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Расим Љајиќ во Скопје.
Проблемот кој досега вообичаено се јавуваше во септември, годинава почна многу порано, веднаш откако македонската Влада го донесе новиот Правилник за увоз на брашно во земјава. Правилникот стапи во сила на 8 февруари, а предвидува контролни маркички на брашното да се ставаат по увезување на пратките и нивната контрола, а не пред да се реализира извозот во Македонија.
Како што објаснуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), извршено е само усогласување на постојниот правилник за да се гарантира безбедност и квалитет на увозното брашно, како и да се гарантира дека брашното ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркичка.
– Со измените на Правилникот за изгледот, формата и содржината на барањето за издавање контролни маркички за означување брашно, се менува само распоредот на целата процедура за увоз на брашно од странски земји. Новина е што контролните маркички ќе се издаваат откако ќе се добијат резултатите од анализите од земените мостри за квалитет и безбедност на увозното брашно, појаснуваат од МЗШВ.
Во останатите одредби од Правилникот нема промена, ниту има какви било дополнителни финансиските трошоци за увозниците.
– Со измените, на увозниците им се гарантира прецизна постапка на добивање маркички, побрза и поевтина во споредба со претходните години. Во таа насока, минатата година Владата донесе одлука за измени за висината на надоместокот за издавање контролни марки за означување брашно. Со овие измени се намали надоместокот за издавање контролни маркички од 0,5 денари на 0,2 денара за пакувања од еден килограм и од 1,5 на 0,2 денара за пакувања од 25 килограми. Ова намалување важи и за домашното и за увозното брашно, велат од МЗШВ.
Министерството за земјоделство вчера за МИА потврди дека од денешната средба меѓу двајцата министри очекува надминување на состојбата.
Оптимист дека ќе се најде решение е и српскиот министер Љајиќ кој со Николовски пред четири дена разговараше и телефонски.
– Во петок во Скопје закажавме состанок и се надевам дека ќе успееме да изнајдеме некакво решение кое, пред се, ќе биде во интерес на стопанствениците од двете земји и нема да ја загрози надворешната трговија и во еден и во друг правец, ниту ќе не натера да преземеме какви било контрамерки, изјави Љајиќ во вторникот и додаде дека Србија го избегнува преземањето контрамерки зашто знае дека се тие на штета, пред се, на стопанствениците и на економските односи меѓу двете земји.
Според двајцата министри, во интерес на стопанствата на двете земји е протокот на стоки, луѓе и услуги да се одвива непречено.
За српските производители, Македонија е трет извозен пазар на кој годишно пласираат 30.000 до 40.000 тони брашно.