Се навали Шар Планина, мештаните нема на кого да се потпрат

Локалните жители ноќите ги преспиваат по туѓи куќи од страв земја и карпи да не ги затрупаат живи во нивните домови во подножјето на Шара. Од Општина Тетово велат дека ќе почнат да работат на проект за заштита на домовите од нови ерозивни процеси

630

Голем дел од семејствата кои живеат на локацијата над православните гробишта во Тетово, ноќите ги преспиваат по туѓи куќи, односно кај своите роднини и пријатели. Дел од нивните домови се оштетени или делумно покриени со земја поради свлечиштата до кои дојде како последица на поројните дождови во изминатиов период.

Локалните жители велат дека земјата уште се лизга и во секој момент може ново свлечиште целосно да ги затрупа нивните куќи, сместени во подножјето на Шар Планина.

– Земја паѓаше и кај нас и кај соседите. Ако повторно заврне, може да се спушти свлечиштетото и да ни ги затрупа куќите. Нашите животи се во опаност – вели Хариз Елмази, жител од ова тетовско маало.

Тој додаде дека пред една недела го посетиле претставници од Општина Тетово и му рекле дека ќе се обидат нешто да направат, ама досега ништо не направиле.

– Ова се случува секоја втора година. И пред пет години тука имаше големо свлечиште. И тогаш дојдоа општинарите, ама ништо не презедоа, немале пари. Кога има ерозии, спиеме по куќите на соседите, зашто се плашиме да спиеме дома. Имам болно дете, кое уште повеќе се разболува од влагата што ја носи земјата – вели Елмази.

Потпорен ѕид како решение

Жителите велат дека од ерозивните процеси и од свлечиштата можат да се заштитат ако властите финансиски помогнат да се изградат потпорни ѕидови над нивните куќи. Оштетените семејства ги посети пратеникот Самка Ибраимовски кој рече дека Министерствотото без ресор за имплементација и стратегија за подобрување на состојбата на Ромите е подготвено финансиски да ја поддржи изградбата на потпорниот ѕид, но претходно Општина Тетово треба да изработи проект.

– Тука треба да се направи потпорен ѕид и со тој ѕид ќе се заштитат сите куќи. Надлежното Министерството може да помогне, јас сум во комуникација со нив, но нивниот кабинет е поврзан со акциските планови кои ги прават општините, и ако Општина Тетово направи проект за потпорен ѕид кој можеби ќе им биде дел од акцискиот план, ние тој ѕид сме подготвени целосно да го финансираме. Се надевам дека брзо ќе се направи тој проект, зашто животите на овие луѓе се загрозени. Треба побрзо да се реагира за да не се случи најлошото. Има пари кои се наменети за подобрување на животот на Ромите – изјави пратеникот Ибраимовски.

Од Општина Тетово велат дека ќе почнат да работат на проект за заштита на домовите од нови ерозивни процеси.

Во ова тетовско маало, првото свлечиште се случи пред еден месец, кога големи наноси од земја и потпорен ѕид целосно го затрупаа домот на семејството Имери.

По неколку недели, огромна карпа се одрони од Шар Планина и буквално влезе во домот на семејството Бериша, пробивајќи го ѕидот на една од собите. За среќа, во тие рани утрински часови семејството спиело во друга просторија и не беа повредени од ударот на карпата.

Потоа следуваа други ерозивни процеси, при што беа оштетени уште неколку куќи.

Досега властите само го посетиле ова маало и ветиле помош, но на терен нема преземено никакви мерки.

(Објавено во Слободен печат)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...