Министрите Драган Тевдовски, Роберт Поповски, Роберт Алаѓозовски, како и Драган Миновски – директор на АД Елем, Ѓоко Танаскоски, директор на Царинска управа, Зоран Китанов од ЈП „Државни патишта“ и Зоран Ѓорѓиев од „Македонски шуми“, се имињата за кои се шпекулира дека ќе ги „фати“ најавената реконструкција и најверојатно ќе заминат од извршната власт. Според според неофицијалните информации, во друг ресор може да ротираат министерката за образование и наука Рената Десковска како и Мила Царовска од ресорот труд и социјала.
За министерот за еконoмија Крешник Бектеши се шпекулира дека е следниот што ќе си поднесе оставка. Неофицијално министерите за кои се шпекулира дека ќе бидат разрешени или, пак, ќе бидат префрлени во нов ресор, досега не добиле таква информација, a како што неофицијално велат, шпекулациите ги слушаат подолго време.
Зацврстување на мнозинството што Владата го има во Собранието е главната причина за најавената реконструкција на Владата, поради што премиерот Зоран Заев прво ќе дефинира со кои партии ќе се прошири парламентарното мнозинство, а дури потоа ќе може да решава за персоналните решенија, односно за смена на актуелните кадровски решенија и за евентуална размена на ресорите.
Високи функционери на ДУИ брифираат дека на последниот состанок на централниот комитет на партијата, лидерот Али Ахмети добил зелено светло да седне на преговарачка маса само со премиерот Заев и дека во партијата нема расположение да седи во иста влада со партии од албанската опозиција.
Сепак, поради проблемот со тенкото парламентарно мнозинство и кворумот во законодавниот дом, изгледа ДУИ на крајот ќе попушти, и ако веќе некој мора да пристапи кон Владата, тогаш најверојатно Ахмети ќе се согласи тоа да бидат Беса на Африм Гаши во пакет со ДПА. Според неофицијалните информации, за денеска се планира нова средба на Заев со лидерот на скопското крило на Беса, Африм Гаши. Во однос на Алијансата на Албанците, нивните тројца пратеници веројатно нема да бидат дел од владејачкото мнозинство.
– Во овие околности не, за сè друго прашајте го премиерот – изјави Зијадин Села, на прашањето дали ќе преговара за влегување во владината коалиција.
„Слободен печат“