Околу 10 килограми марихуана е запленета во патничко возило управувано од албански државјанин на граничниот премин Дебе Баир на македонско-бугарската граница.
Царинската управа денеска соопшти дека дрогата е запленета во вторникот кога при извршената контрола на возилото пронајдени се 16 пакетчиња со зеленкаста материја сместени во специјално направени бункери. При проверка со тестер за дрога утврдено е присуство на ТХЦ (tetrahydrocannabinol) што индицирало дека непознатата растителна материја е марихуана.
По преземање на случајот од страна на инспектори од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител, непознатата растителна материја веднаш е доставена на вештачење со кое се утврди дека станува збор за марихуана.
Против осомничениот е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори “ и изречена му е мерка притвор од 30 дена.