Ристовски: Ја очекувам опозицијата да седница за законот за судови

156

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски очекува опозицијата да биде присутна на собраниската седница во вторник на која ќе се разгледува законот за судови за чие донесување е неопходно двотретинско мнозинство.

– Колку што знам опозицијата ќе се појави во вторник на пленарна седница токму за законите за кои е неопходно двотретинско мнозинство. Законот во целост е усогласен со нив и секако мора да бидат присутни на седницата – изјави Ристоски по пуштањето во употреба на новиот Кривичен суд во Скопје.

Тој смета дека ќе се реализира планираната агенда иако Министерството за правда подолг период е без министер.

– Нема значение што нема министер и се си тече тековно како што е во Планот 3-6-9. Во средата на Комисијата за политички сиситем и односи меѓу заедниците во Собранието помина во прво читање законот за судови и за Судски совет. В понеделник сме на Законодавно правна комисија, а во вторник на пленарна седница во прво читање – рече Ристовски.

Прашан кога очекува да биде назначен нов министер за правда, Ристовски рече дека тоа зависи од разговорите кои  се водат за проширување на парламентарното мнозинство.

На првиот состанок на Телото за следење на реформите во правосудството, како што кажа, се разговарало околу деловникот за кој имало неколку забелешки поради што не е усвоен.

– Во средата се одржа конститутивната седница, ќе продолжиме сега во среда, а потоа на секои две недели во среда од 17 до 19 часот. Во среда очекувам да го усвоиме деловникот и да се разгледа законот за судови во делот на дисциплинската одговорност на судиите која не ја расчистивме докрај со опозицијата. Заради тоа на 11 април ќе организираме јавна расправа во Собранието и тоа ќе биде изнесено пред Советот за да видиме каков став ќе заземе – потенцира Ристовски.

Тој посочи дека во фокусот на работата на Министерството е носењето на реформските закони заради роковите од Европската унија, а потоа, како што кажа, ќе се посветат на несогласувањата меѓу нотарите и адвокатите.

– Веќе се одржаа две средби, една со премиерот, а втората во Министерството за правда. Од тогаш не е одржана нова средба – рече Ристовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...