Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт денеска објави дека ќе се повлече целиот тираж на скандалозната збирка поезија „Млади поети“ во која се најдоа содржини со шовинистичка и дискриминаторска содржина, а која била финасирана од Агенцијата.
Тој рече дека чувствува морална одговорност, но дека не бил запознаен со содржината иако е уредник на изданието.
Каевски, рече дека грешка било објавувањето на две од вкупно 44 песни, а дека претседателот на стручната тричлена комисија која одлучувала за објавените содржини му рекол дека не знаел оти треба да прават проверка на содржината.
-Како директор чувствувам морална одговорност, но уште повеќе професионална одговорност да се расветли случајот и точно да се детектира вината. Јас сум против објавување навредлива содржина, сметам дека тоа е грешка. Ќе направам се грешката да се поправи и да не се повтори. Слободата на говор е неприкосновена се додека не се врши дискриминација – рече Каевски.
На новинарско прашање зошто како уредник на збирката дозволил да се објават песните со недолична содржина, одговори дека неговиот потпис е ставен за постапката и за чекорите во постапката, а не за содржаината.
– Како директор на АМС стојам како уредник и затоа наведов дека чувствувам морална одговорност, но не ја прегледувам содржината – додаде Каевски.
Штетата од 150.000 денари ќе ја надоместат тие што се одговорни за овој скандал, а толку пари биле потрошени за првите 5.000 примероци.