Транспортот значително учествува во емисијата на штетни гасови во воздухот, а според проценките на стручните лица режимот на движење на возилата е клучен за загадувањето. Во Македонија има повеќе од 350 илјади регистрирани возила, но не се знае колкава е емисијата на јаглероден двооксид (ЦО2) од транспортот.
Експертите велат дека дизелот е горивото кое е најголем виновник за лошиот квалитет на воздухот од аспект на транспортот. Сепак, најголемиот дел од новоувезените половни возила се дизел, а токму мерката за увоз на половни возила, според нив, придонела за поголемо загадување.
Многу семафори, поголемо загадување
– Бројните семафори на сообраќајниците само придонесуваат за зголемување на загадувањето, а колку е помоќно и потешко возилото поголема е разликата од пропишаното загадување од производителот и реалното – вели проф. д-р Милан Ќосевски од Машинскиот факултет во Скопје.
Според него, суштествената емисија на гасови е многу поголема отколку онаа што се покажува при тестирањата и кај најдобрите и еколошки најприфатливите возила со мотори со внатрешно согорување има разлика од 50-тина отсто од она што е технички пропишано и легано дозволено со она што реално се емитува.
– Ако тестот покаже дека возилото емитира 0,18 грама ЦО2 по километар и ставиме подвижна опрема за мерење во град ќе измериме 0,72 грама. Оваа разлика е толку поголема колку што имаме помоќно и потешко возило. Промената на брзината, односно многу забрзување и сопирање, значи повеќе потрошена енергија и при забрзувањето влошени услови на согорување и енормно влошена емисија. Колку емитуваат возилата има многу врска со тоа коклу пати застануваме и како продолжуваме со движењето на возилотот заради тоа што режимите на движење драматично влијаат на емисииите, а тоа, пак, е силно поврзано со бројните семафори – потенцира Ќосевски и додава дека не се вози на ист начин во сите градови поради што емисиите се различни.
Како што посочува, испитување направено пред неколку години од студентите на Машински факултет покажало дека има енормна емисија на издувни гасови по најпроточната сообраќајница во Скопје „Партизански одреди“ поради наглите забрзувања и сопирања предизвикани од новопоставените семафори. Мерењето е направено во текот на цел месец.
Скопје со релативно проточен сообраќај
М-р Константин Мишев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ нагласува дека возилата најмногу трошат и најмногу емитираат ЦО2 при нагли забрзувања и сопирања во сообраќајниот метеж.
– Граѓаните мислат дека нивните возила трошат најмногу кога возат брзо, но тоа не е точно. Возилата трошат најмногу кога прават нагли сопирања и нагли забрзувања. Тоа најчесто се случува во секојдневието во сообраќајниот метеж кога возачот постојано е подложен дека треба да застане и потоа повторно да тргне со своето возило и со тоа емитира најголемо количество на ЦО2 во воздухот – вели Мишев.
Toj pотенцира дека во Македонија речиси 80 проценти од возилата кои се возат се постари од 10 години, а само два процента се возила кои се новоувезени и имаат најмала емисија на штетни материи во воздухот.
– Според ЕУРОСТАТ, Македонија со емисија на 147 грама ЦО2 по километар е најлоша во Европа и се наоѓа на последното место поради стaроста на возниот парк. Сепак, високите вредности на загадувањето не доаѓаат од возилата, а тоа се потврдува и со софтверската алатка што ја изработивме за проценка на загадувањето со ЦО2 предизвикано од сообраќаен метеж – посочува Мишев.
ФИНКИ, појаснува, изработи софтверска алатка која дава проценка на загадувањето со ЦО2 предизвикано од сообраќајниот метеж. Алатката дава индекс со вредности од 0 до 360 за нивото на ЦО2 што се емитира во воздухот од сообраќајниот метеж. Со неа може да се спореди Скопје со поголемиот број на градови во светот. Споредбените податоци за емисијата на ЦО2 од сообраќајниот режим во Скопје и неколку градови покажуваат, додава, дека во Скопје во 17 часот се емитуваат 83,5, а во Лондон, каде тогаш е 16 часот 266,4, во Амстердам 102, во Токио, каде е 1 часот по полноќ, 309,9. Пониска вредност има само Луксембур со 71,1.
Тоа, според него, покажува дека Скопје има добра патна инфраструктура која овозможува добра проточност на возилата и нема голем сообраќаен метеж.
– Направивме уште една студија со која правевме корелациии помеѓу вредноста на бројот на возила по улиците и вредностите на загадувањето кои ги даваат мерните станици на МЖСПП. Забележавме дека нема никаква корелација помеѓу тие две вредности, односно дека вредноста на загадувањето што го мерат мерните станици не зависи од бројот на возилата и дека високите вредности на загадувањето не доаѓаат од автомобилите – појаснува Мишев.
Греењето причина за локалното, сообраќајот за глобалното загадување
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули порачува дека дури 150 града во Европа имаат големи проблеми со загадувањето, но причините за тоа се различни.
– Ако во Европа главна причини за загадувањето е транспортот и возилата, кај нас е греењето, но сепак не треба да се занемари и сообраќајот. Главен причинител за загадувањето од транспортот во Македонија е стариот возен парк, бидејќи дури 65 отсто од возилата се произведени пред 2002 година. Во земјава има многу малку хибридни или електрични возила, а многу загадуваат и градежните машини кои речиси воопшто немаат еколошки стандарди, како и приватните автобуси и такси возила – појаснува Макрадули.
За да се намали загадувањето, нагласува, треба да се преземат долгорочни непопуларни и строги мерки, а не популистички и да се има интегриран пристап со акција во сите сектори, но првенствено преку замена на затоплувањето и подобри еколошки карактеристики на возилата.
– Во земја каде јагленот е главен извор за енергетскиот сектор, транспортот е еден минорен дел од загадувањето и емисијата на стакленички гасови, но сепак треба да му се посвети внимание. Затоа во тек е катагоризација на возилата со налепници и во зависност од категоријата која ќе се добие ќе може да се вози во центарот на градот во загадените денови или не. Не најде на одобрување идејата „park and ride“, нешто што постои во цел свет, со која им се дава можност на граѓаните кои доаѓаат во Скопје, а тоа се 12.000 од исток и 18.000 од запад, алтернативно ако посакаат да може да го искористат железничкиот сообраќај или еколошки автобуси за дојдат до градот и да не платат ништо. Потребно ни е и централизирано управување со сообраќајот за да се избегне предолгото чекање на семафори и преспорото возење. Неопходна е и контрола на станиците за технички преглед каде возилата се регистрираат без неопходните проверки за исполнување на стандардите. Овој проблем може да се реши само со инегрирани пристап во сите сектори – потенцира Макрадули.
Студија на МАНУ предвидува до 2035 година за 35 отсто да се намали загадувањето од сообраќајот
Токму во таа насока Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) изработи „Студија за транспорт, анализа на политики и мерки“ што предвидува до 2035 година за 35 отсто да се намали емисијата на ЦО2 од транспортот.
Според студијата, политиката за увоз на стари возила од 2010 година најмногу придонела за зголемување на загадувањето од транспортот зашто предизвикала за 22,5 отсто зголемување на бројот на возилата. Предлага промена на пресметката за еколошки такси за возилата, намалување на акцизата и на ДДВ за возила, како и изедначување на акцизата за дизелот и бензините и зголемување на еколошката такса за горивата од сегашните 0,08 отсто од продажната цена за литар бензини и 0,03 отсто за литар дизел на 0,3 отсто. Разликите од таксите да се користат за субвенционирање на купување на хибридни и електрични возила.
– Транспортот е еден од најбрзорастечките сектори во светски рамки, а кај нас овој сектор за двојно ја има зголемено потрошувачката во периодот од 2005 до 2016 година, при што рапиден раст се забележува од 2012 до 2016 година. Со тоа своето учество во финалната потрошувачка на енергија од 20 отсто го зголеми на 38 проценти. Можеби еден од врвните виновници за тоа е политиката за увоз на половни возила. Ако во 2009 година сме имале вкупен увоз од околу 13.500 возила во 2010 година со воведувањето на ваквата политика увозот рапидно се зголемил на 60.000 возила од кои дури 51.000 биле половни. Со текот на времето увозот на половни возила се намалува, но во последните години се движи околу 30.000 возила годишно, а на нови изнесува 4.000 до 5.000 – вели м-р Александар Дединец од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ.
Патничкиот сообраќај, додава, учествува со 82 проценти во вкупниот број на возила и во последните четири години возниот парк (бројот на регистрирани возила) е зголемен за 27 проценти.
– Патничкиот сообраќај е најмногу одговорен за локалното загадување и во 2012 година учествува со 40 проценти во емисијата на ЦО2, но се предвидува во 2035 да се намали на 28 проценти. Бараме промена на методолгиите на моменталните еколошки такси, намалување на акцизите и намалување на ДДВ, нешто што би придонело кон одржливоста на транспортот. Цел ни е најпрво да го намалиме, а потоа да го замениме и на крајот да го елиминираме она што моментално го имаме како неодржлив трнспорт – појаснува Дединец.
Валентин Јанковски