Седи Мујо сред ноќ на креветот, со оџагорени очи во темната спална, и зрачи нервоза и очај. Се буди Фата опечена од хистеријата што ја еманира Мујо и го прашува мажа си што го држи буден и распаметен цела ноќ. Мујо ѝ вели дека позајмил пари од другар му Суљо, комшија од истата зграда, и му ветил дека до први парите ќе му ги врати. И?, вели Фата, што има тука за неспиење и очај? Па, немам ни динар, шепотејќи вреска Мујо, а први – ене го како се ближи! Тука Фата се замислува и го прашува Мујота – а Суљо, знае ли Суљо дека си шворц и дека не можеш да му ги вратиш парите? Мујо одговара хистерично – ма што збориш, не смеам ни да го видам, се кријам по скали и ходници, случајно да не го сретнам… ќе умрам од срам и секиранција! Тука Фата нагло станува, го отвора прозорецот, и урла со моќен бронзен глас од кој се тресат комшиските прозори: Суљооо, џабе ги чекаш парите од Мујо – човекот нит има нит скоро ќе ги заима парите!! Го затвора прозорецот, легнува, и му дофрла на Мујо – е, сега можеш мирно да спиеш: Суљо слушна дека си шворц, и сега тој ќе се јаде и секира по цели ноќи…
Проблемот е грчки
Како и сите вицови со легендарниот босански брачен пар, и овој содржи единствена мудрост, и повеќе, дури – вицот содржи универзален и моќен иљач, формула за „лечење“ на сите проблеми. Префрлувањето на проблемот на друг, неговата „социјализација“, „дислокација“, „интернационализација“ или, народски, неговото подметнување на друг, е едно од најстарите и најефикасни „оружја“ за справување со сопствените проблеми. Овој планетарен лек е незаменлив и широко применуван – било да се работи за поединци и нивните внатрешни психички проблеми, било за социјалните групи, било пак да се во прашање држави или супер-империи. Конечно, овој ефикасен лек е виновникот и за нашиот проблем со името.
Проблемот е оригинерно грчки, зашто тие заимаа проблем со постоењето на нашата независна држава во раните деведесетти – и веднаш се обидоа проблемот да стане наш, а не нивен. Нивниот проблем со нашето име требаше да стане наш проблем со нашето име. Бидејќи тоа не се случи, комшиите го префрлија проблемот во Обединетите нации, но нашето државно водство на чело со Киро Глигоров успеа со Времената спогодба повторно да им го врати нивниот проблем на Грците, да се јадат и секираат по цели ноќи… Но, како и во сите долги и грди приказни, доаѓа до пресврт кога соседот става вето на нашето членство во НАТО и ЕУ, пресврт што може да се нарече дупли салто, зашто успеа проблемот да стане не само наш, туку и на НАТО и ЕУ.
Малоумна александризација
Грчкиот проблем со нашето име стана геополитички проблем на НАТО, зашто воено-стратешкиот сојуз – откога во Русија повторно го препозна својот противник, стана свесен за фактот дека македонската територија – макар формално – е се уште „небранета“ територија, длабоко во позадината на неговите жешки источни граници. Проблемот со името стана суштински проблем и за Европската Унија, не заради љубовта по нашата Македонија, туку поради грижата за сопственото постоење. Имено, како и сите ексклузивни клубови на светот, европскиот клуб на нации практично „живее“ од енергијата на новопристапените членови, од нивните соништа за Европа, исто како и од слаткиот надворешен притисок што го одржуваат оние што уште не станале членки, но тоа страсно го посакуваат. Унијата го прифати проблемот како свој, во моментот кога сфати дека грчкото вето ја става под ризик нејзината безусловна посакуваност „живот што значи“.
Елем, кога проблемот со името стана практично нивен проблем, НАТО и ЕУ првин почнаа да се однесуваат рационално и да вршат притисок на Грција да не им го попречува растежот, но веднаш потоа, откога ВМРО и Груевски со малоумната александризација ја „рационализираа“ грчката параноја, тие почнаа да се однесуваат прагматично и – погодете! – го применија лекот на Фата: го префрлија проблемот во библиската земја!
Нема алтернатива
И, така, веќе со години грчкиот проблем со нашето име стана најмногу наш проблем, а нашите пријатели од Сојузот и Унијата обилно ни даваат до знаење дека проблемот е, безмалку, единствено наш, но дека нивната подготвеност за помош во неговото решавање, исто како и наградата за успешното окончување на спорот, не треба да се доведува во прашање. И – крај, господа: да имаше некој алтернативна визија за нашата иднина без да го решиме спорот со комшиите, да можеше да се препознае силата што ќе го гарантира нејзиното остварување, тогаш, можеби, ќе имаше и зошто да се зборува. Но, бидејќи таква алтернатива никој во земјава не изрече (освен поединечни будалетинки чијшто збор не дофрла ни колку плунката во која е спакуван), нам ни останува само да „весламе“ со бранот на историските тенденции. Тоа е реалност што малите земји мораат да ја препознаат исто како и во Хегеловата универзална дефиниција на слободата – како спознавање на нужноста.
На крајот: дека грчкиот проблем со нашето име произлегува од нивното почетно неприфаќање на нашето постоење – тоа сите го знаеме. Дека ни е проблемот наметнат во вид на егзистенцијална историска уцена – и тоа ни е познато. Дека се работи за гнасна неправда – и тоа ни е јасно. Но, дали тие сознанија ни помагаат да го решиме проблемот? Не! Затоа, помеѓу нашето име и нивното Републикасеверсеверозападнановогорнамакедоња, мора да се најде разумен компромис. А, што е разумен компромис – сите знаеме.
(Објавено во „Слободен печат“)