Реформите во медиумите напредуваат со различна брзина и квалитет, тие се започнати, но не се исполнети во онаа мерка во која би овозможиле целосно исполнување на итните реформски приоритети, е генерална оценка на вториот периодичен извештај во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ на Фондацијата „Метаморфозис“, Агора и Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.
Извештајот се занимава со набљудување на имплементацијата на Итните реформски приоритети (ИРП) поставени од ЕУ во делот Слобода на изразување и следи четири области – реформи во јавниот радиодифузен сервис, владини реклами, пристап до информации од јавен карактер и клевета и навреда.
Филип Стојановски од Метаморфозис, во однос на радиодифузниот сервис, наведе дека реформите се започнати, но не се исполнети ниту во мала мерка.
– Единствена конкретна мерка беше укинувањето на радиодифузната такса, за која постои контроверза во стручната јавност за нејзината ефективност во однос на обезбедување финансиска независност на јавниот радиодифузен сервис во иднина -вели Стојановски.
Посочи дека она што е посочено како неопходно во рамки на итните реформски приоритети е спороведување темелни реформи во рамки на МРТ на ниво на нејзина професионализација, ослободување од политички влијанија и слично.
Во однос на владиното рекламирање, Стојановски вели дека е направен конкретен чекор, односно Владата го укина рекламирањето во домашните медиуми, мерка што е доследно спроведувана во изминатиот период.
– Владата не обезбеди детални објаснувања за низа специфики за обезбедување целосна транспарентност и отчетност, преку објава правилници и процедури или протоколи и затоа ја доби оценката делумно исполнето – посочи Стојановски.
Во делот на пристап до информации значително е подобрена ситуацијата во однос на претходниот период – декласификација одредени типови информации, отворање пристап до јавните владини седници, отворање низа документи, обезбедување бесплатен пристап до бази на податоци во одредени државни инстуции кои се од јавен интерес.
Во однос на четвртиот столб за клевета и навреда, заклучокот во извештајот е дека тоа е целосно неисполнето, во оваа област нема никакви промени и поместувања во периодот на следење и известување. Не е преземена иницијатива а ревидирање на Законот за граѓанска одговорност за клевата и навреда и на процедуралните правила со цел да се усогласат со Европскиот суд за човекови права.
Кристина Озимец од ПИНА рече дека во изминатиот период генерално се чувствува ослободување на медиумската сфера, за разлика од лошата состојба која доминираше претходно, има подобрување во однос на комуникацијата со новинарите, но се уште постојат многу проблеми и предизвици.
– Во работата го користиме правото за слободен пристап до информации, постојано поднесуваме барања до различни институции, и иако повеќето од институциите ни одговараат сепак некои од нив доцнат со одговорите, ни одговараат по законскиот рок од 30 дена, некогаш делумно ни одговараат, некои од институциите изнаоѓаат и разни изговори, од некои и не добивме одговори – вели Озимец.
Владата како дел од мерките за поголема транспарентност направи бесплатен пристап до информации во Централниот регистар и Катастарот, иако според неа тоа во практика не функционира.
Фото: МИА