Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје вели дека нема овластување да врши упад и да решава за работата на в.д. раководителот и колегиумот на Институтот за социологија од каде што прoфесори реагираа до редакцијата на Плусинфо со тврдење дека на 6 март годинава се случил скандалозен избор на нов шеф на Инситутот.
Професорите со намера да ја исправат незаконската постапка на нивните колеги поднеле преставка до Управниот инспекторат, но тврдат дека деканот Дуев, и покрај тоа што случајот се уште нема епилог прифатил професорката Марија Дракулевска Чукалевска да биде избрана за раководителка, наспроти тоа што за неа гласале само петмина професори на седница на која немало ниту кворум за работа.
Дуев: Најнапред да појаснам дека станува збор за избор на раководител на Институт за социологија. Како декан јас не сум запознаен дека група професори имаат поднесено претставка од Управниот инспекторат, единствено група професори од Институтот за социологија има доставено приговор до мене за претходна постапка и водење на седницата на Институтот од страна на в.д. раководителот проф. д-р Илија Ацески (највозрасниот професор во колегиумот). Во однос на доставениот приговор со арх. бр. 03-730/1 од 8. III 2018 г., колегите ги информирав дека деканот нема овластување да врши упад и да решава за работата на в.д. раководителот и колегиумот на Институтот за социологија и да одлучува по доставениот приговор, кој според законските и интерни акти на Факултетот, требало да биде адресиран до в.д. раководителот на Институтот. Деканот постапува по предлог за именување на нов раководител добиен од Институтот.
Кои се Вашите ингеренции и можности да реагирате во споменатиот случај и дали е точно дека сте ги игнорирале тврдењата на професорите кога на 6 март годинава се случила скандалозна седница, на која во присуство на само петмина професори бил направен избор на нов раководител, а дека Вие сте го прифатиле предлогот?
Дуев: Според член 20 од Деловникот за работа, Деканот може да го прифати или одбие предлогот на раководителот и да назначи в.д. само доколку има правно издржано образложение за причините на неприфаќањето на предлогот. Новоназначениот раководител треба да закаже седница на која треба како прва точка од дневниот ред да биде поставено усвојување на записникот од претходната редовна седница на Институтот. Секој член има право да даде забелешки на записникот и има право да го издвои своето мислење и да побара во записникот да се внеста битните делови од неговото мислење. Доколку сака забелешките да бидат составен дел од записникот, може да достави сопствена авторизирана дискусија во писмена форма во рок од 7 дена по одржувањето на седницата. Поинаку кажано приговорите и забелешките настапуваат на наредната седница на Институтот.
Професорите обвинуваат дека Вие, како декан држите страна и ги поддржувате оние кои, како што велат, го направиле фалсификуваниот записник и на нелегален начин избрале раководител ?
Дуев: Напротив, имав средба со сите членови на институтот пред седницата за избор и побарав од нив да се почитува правото на избор и мислење се со цел на нормално функционирање на Институтот чија главна задача е совесно извршување на научната и образовна дејност. Во прилог ви го доставувам и моето произнесување до сите членови за настаната ситуација, на средба за која ги известив и повикав сите членови на Институтот. Да повторам, записникот се усвојува на следната седница.
Што велат правилата, колку професори треба да бидат присутни на седница за да се случи легитимен избор на шеф на катедрата по социологија?
Дуев: Според член 39 од Правилникот за внатрешните односи и работењето на факултетот, колегиумот за да може полно важно да одлучува потребно е на седницата да присуствуваат повеќе од половина од вкупниот број членови, а предлог одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови.
Кои чекори планирате да ги преземете за да се разреши овој конфликт на Институтот по социологија?
Дуев: Со должно внимание кое го посветив за разрешување ја собрав целата документација околу одржаниот состанок, ги сослушав мислењата на сите 10 членови на Институтот за социологија, а особено со цел на правилна примена на законските акти, ќе преземам се што е потребно да се надмине оваа ситуација.
ФОТО: Факултети