Расте бројот на бубрежно болни, годишно 200 нови случаи

Во преддијализните стадиуми речиси сѐ што се дава во светот се применува и кај нас. Не постојат групи лекови кои ги нема во нашата земја.

166

Постојано расте бројот на новозаболени од бубрежни заболувања чиј број на годишно ниво изнесува 200. Во терминалната фаза 1.600 пациенти се лекуваат со дијализа, а смртноста кај дијализата, како и во светски рамки, се движи од десет до 11 отсто.

Ова денеска го истакна доктор Оливера Стојчева од Универзитетската клиника за нефрологија, која рече дека постојано расте бројот на болни кои се лекуваат со оваа терапија.

– Мажите се во поголем број, а тоа е само за терминалната фаза кога има потреба од дијализно лекување. Во претходните стадиуми на бубрежното заболување нешто повеќе се застапени жените кај кои побавно напредува бубрежното заболување. За смртноста која е поголема кај машката популација, придонесува не само хроничната бубрежна болест, туку и компликациите, а најчесто тоа се срцевите заболувања – рече Стојчева на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.

По тој повод, се одржа стручна конференција насловена „Бубрезите и здравјето на жените“.

Според Стојчева, порастот на бројот на бубрежно болни се должи на фактот што популацијата старее, се зголемува просечниот животен век.

– Со стареењето постои физиолошко намалување на бубрежната функција, многу повеќе се случуваат други состојби, како што се хипертензијата и дијабетесот кои се водечки причини за лекување со дијализа. Во преддијализните стадиуми речиси сѐ што се дава во светот се применува и кај нас. Не постојат групи лекови кои ги нема во нашата земја. Во однос на дијализното лекување речиси и да не постојат разлики во други развиени земји и кај нас – додаде Стојчева.

Претседателот на Здружението на бубрежно болни Нефрон, Душко Георгиев, рече дека во изминатиот период е направен значаен исчекор во делот на дијализниот третман, подобрени се условите за дијализа, апаратурата и материјалите кои се користат.

– Сега секој пациент може да прави дијализа во местото на живеење, да има пристојни услови за дијализа, да користи современа апаратура и машини. Треба да се воведат нови процедури, да се работи на превенцијата, васкуларните пристапи -додаде Георгиев.

На одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот од „Диамед“ информираа дека во нивните девет центри за дијализа секојдневно се лекуваат 650 пациенти, а набавени се 189 нови апарати за дијализа и шест нови реверзни осмози. 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...