Во Центарот за обука во Идризово денеска беа промовирани 609 кандидати за полициски службеници кои успешно ја завршија едногодишната обука поделена во три образовни модули – сообраќај, јавен ред и мир и гранични работи.
На промовирањето на новите кандидати за полициски службеници присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот заменик Агим Нухиу.
Спасовски во обраќањето им честиташе на новите кандидати за полицајци за постигнатиот успех во текот на напорната обука, која се завршува со нивно официјално влегување во системот на МВР и им посака успех во натамошната кариера.
– На почеток сте на еден нов животен предизвик, а тоа е да станете дел од македонската полиција. Поминавте обука во која учевте за правилата по кои треба да работите, законите кои треба да ги применувате. Верувам дека оваа обука за вас беше влог во вашата иднина. Но, верувајте дека ова е и влог на МВР и на колегите од Центарот за обука. Нашата цел беше да оспособиме млади кадри кои ќе станат дел од безбедносниот систем на нашата држава – рече министерот Спасовски.
Вашата задача, рече Спасовски, е да бидете доследни чувари на правдата и за да бидете успешни мора да бидете истрајни.
– Моите пораки до вас се многу едноставни. Спроведувајте ги законите на правната држава, штитете ги интересите на граѓаните и државата, примајте наредби од вашите претпоставени. Изминативе неколку месеци работевме на една од реформите на безбедносно-разузнавачките служби. Понудивме решенија со кои ги отстранивме недоследностите и пропустите кои биле направени во минатото. Понудивме и законски решенија за зајакнување на надворешниот независен механизам за контрола над полицијата. Се соочивме со полиција која била под притисок на негативни политички влијанија и партиски наредби. Ова е веќе минато – посочи Спасовски.
Ова Министерство, истакна, мора да биде водено од професионалци, чесни и со интегритет и достоинство, професионалци за кои словото на законот е посилно од моќта на парите и позицијата. Потенцира дека продолжуваат реформите во полицијата со цел создавање на професионална полиција.
-Во изминатиот период покажавме јасна политичка волја дека имаме потенцијал за квалитетни промени. Поквалитетното организационо, структурно менаџирање, но и менаџирањето со човечките ресурси, дава резултати кои што се евидентни, мерливи и проверливи, притоа подигнувајќи ги повисоко нивоата на полициска ефикасност во сите сфери од работењето. Запаметете дека ние постоиме заради интересите на сите граѓани. Во нашето работење мора да постапуваме еднакво и независно од личните определби, религиозни уверувања, национална припадност. Дискриминацијата по било која основа е забранета. Институциите, вклучително и полицијата, им припаѓаат на сите граѓани на Република Македонија подеднакво, тие се нивен сервис – рече Спасовски.
Секогаш кога ќе работите според правилата и принципите на правната држава, додаде, ќе ме имате за свој сојузник, во спротивно бидете подготвени да се соочите со правдата.