Претседателот на Антикорупциска нема да поднесе оставка

433

Претседателот на Државната комисија за спречување на коруцијата (ДКСК) Игор Тантуровски вели дека не чувствува никаква одговорност, бидејќи на никаков начин не е посочен во ревизорските извештаи и од тие причини нема намера да поднесе оставка на функцијата.

Смета дека случајот е инструиран. Ревизорскиот извештај, потенцира Тантуровски, бил за внатрешна употреба со препораки како да се надминат утврдените недостатоци, а неговото вадење во јавноста има за цел само да се дикредитираат членовите и Комисијата како институција.

– Тоа што беше пренесено од еден медиум, е парафразирање на она што вистински го пишува во документот. Влезено е во детали што апсолутно немаат врска со конзистентноста на целиот документ. Извадени се само сегменти, вели Тантуровски, кој присуствуваше на денешната среба со Комисијата за политички систем во Собранието.

Гарантира дека во институцијата со која тој раководи нема корупција. Ако имало неправилности, потенцира, на нив требало да посочи и Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ, која, како што рече, го води целото сметководство и да ги стопира евентуалните исплати.

Не гледа начин, како и врз основа на што Собранието може да ги разреши членовите на ДКСК. Тоа, посочува, е јасно наведено во законот за спречување на корупцијата.

– Слушнав изјава на потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски дека ќе покренат некаква постапка, јас искрено не знам која би била таа постапка и како тоа ќе го направат, вели Тантуровски додавајќи дека на одреден начин чуствува дека ова е политички реваншизам за она што како институција го презеле во изминатиот момент.

Пратениците од СДСМ и ДУИ вчера побараа од членовите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да си поднесат неотповиклива оставка поради констатираните злоупотреби во ревизорскиот извештај, а доколку тоа не го направат најавија дека ќе покренат собраниска постапка за нивно отповикување.

Денеска претседателот на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата Хари Локвенец рече дека ќе биде прифатена секоја иницијатива и ќе биде ставена како точка на дневен ред, без, како што посочи, да прејудицира каква ќе биде одлуката.

– Очекувам дека во следниот период оваа институција ќе достави вонреден извештај за нивното работење, вклучувајќи го и т.н. ревизорски извештај за внатрешна употреба преку кој јавноста целосно ќе биде запознаена со се што се случувало во таа институција. Само на таков начин ние ќе имаме комплетен материјал врз основа на кој ќе одлучуваме, истакна Локвенец.

Вели дека поднесувањето на извештајот е едно од решенијата за овој случај бидејќи спротивното би значело прифаќање на вината. Негира дека има политички мотиви во случајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...