Претходниците го советуваа Тевдовски: Биди похрабар и реализирај го зацртаното!

Фискалната консолидација, јавниот долг, субвенционирањето, реформите во даночниот систем се дел од областите каде што, според поранешните министри за финасии, треба да се внимава за да се обезбеди раст на економијата и да се намали расчекорот меѓу домашниот бруто производ и јавниот долг.

1648

Бидете храбар и реализирајте го она што сте го зацртале, но пред тоа треба да направите добра анализа, го посоветуваа денеска министерот за финансии Драган Тевдовски, неговите претходници Таки Фити, Петар Гошев, Никола Поповски и Трајко Славевски на конференцијата по повод Денот на Буџетот.

Фискалната консолидација, јавниот долг, субвенционирањето, реформите во даночниот систем се дел од областите каде што, според поранешните министри за финасии, треба да се внимава за да се обезбеди раст на економијата и да се намали расчекорот меѓу домашниот бруто производ и јавниот долг.

Академик Таки Фити му препорача дека најважно е да се продолжи со процесот на фискална консолидација.

– Потребно е буџетскиот дефицит и јавниот долг да се сведат на ниво прилагодено на Република Македонија. Има две можности за тоа да се намалат трошоците на Владата или да се зголемат даноците или да се користат и двете можности -рече Фити.

Фити апелираше да се внимава и на структурата на јавните трошоци и на инвестициите.

Тој забележа дека државата многу го користи субвенционирањето и предложи да се направаи анализа на проектите кои даваат ефекти и тие да се рангираат.

И Никола Поповски даде забелешка на субвенционирањето на приватниот сектор кое, како што рече, е нов бран во светот наречен нов социјализам.

– Го субвенционираме земјоделството со што се зафаќа 15 отсто од БДП, го субвенционираме градежниот сектор со 4 отсто. Сега се субвенционира само индустријата. Од друга страна се одзема од здравството….- рече Поповски.

Поповски рече дека во вакви услови државата треба да одлучи дали ќе гради пазарна економија или  просоцијалистичка.

Трајко Славевски, пак, го посоветува Тевдовски да биде похрабар во спроведувањето на зацртанит цели и да се спротивставува на премиерот, ако мисли дека политиките не водат во добра насока.

– Ќе мора да се поработи и на локалните даноци, посебно на данокот на имот.Направете и систем на осигурување од елементарни непогоди со што и ќе го растеретите буџетот од исплата на шетети – рече Славевски.

Петар Гошев предложи Владата да не го намалува моменталното ниво на јавен долг, ако може да го сервисира, бидејќи тоа ќе влијае на растот.

– Но мора да се утврди точниот износ на јавниот долг, бидејќи тој не е точен. Посебно да се внимава кај долгот на општините, а државата да пресмета и амортизација на одржувањето на јавните добра и да го отфрли рамниот данок – предложи Гошев.

На конференцијата свои уводни излагања имаа премиерот Зоран Заев, министерот за финаnии Драган Тевдовски и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

– Оваа Влада ќе остане на определбата парите на граѓаните повторно да се враќаат кон нив и кон стопанството, откако претходно ќе бидат вбризгани во проекти за унапредување на македонската економија и за подобар живот и за здравјето на граѓаните -рече Заев .

Тевдовски, пак, информира дека буџетот ќе се планира и на подолг период.

– За прв пат од независноста имаме Стратегија за реформи во системот за јавни финансии. Таа го опфаќа периодот 2018 – 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување на среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па се до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување на системот на јавните финансии во насока на ЕУ стандардите“ -рече Тевдовски.

Претседателот на Собранието Џафери паксе осврна на донесувањето на првиот буџет во независна Македонија.

– Покажавме на домашната јавност, а пред сè на економските субјекти, но и на меѓународната јавност и меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да испланираме и спроведеме буџет, без кој не може да се замисли ниту една функција на држават – рече Џафери.

Првиот Буџет на Република Македонија беше донесен на 2 април 1992 година. Министер за финансии кој го предложи првиот буџет беше Методија Тошевски во владата што ја предводеше Никола Кљусев, додека документот беше потпишан од тогашниот претседател на Собранието,Стојан Андов и тогашниот Претседател, Киро Глигоров.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...