Кореографката Рисима Рисимкин деновиве престојува во Љубљана, каде вечерва во Танцовиот театар на Љубљана (Plesni teatar Ljubljana) ќе се одржи премиерата на соло претставата „Орландина“, која Рисимкин ја подготви за една од најдобрите словенечки современи танчерки Росана Хрибар.
„Орландина“ е претстава посветена на Росана Хрбар и времето. Инспирирана од романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф, претставата „Орландина“ така насловена од кореографката, е интимна приказна на танчер, раскажана преку видогледот на три силни жени од различни културни, политички и временски периоди: Вирџинија Вулф, Рисима Рисимкин и Росана Хрибар.
Росна Хрибар е една од најзначајните и најпознати танчери на словенечката современа танцова сцена од 10970 години наваму. Се школува на Танцовата академија во Љубљана, магистрира со „Уметноста на движењата“ на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана. Во изминатите две декади Росана Хрибар соработува како танчер и короеграф со скоро сите значајни словенечки кореографи, театарски режисери и различни современи танцови ансамбли, во Словенија и во странство. Добитник е на „Трдиновата награда“ на градот Ново Место за значајни достигнувања во областа нa современиот танц во 2008 година, како и на „Жупанчич наградата“, највисокото уметничко признание на Градот Љубљана во 2001 година и на највисокото национално признание за врвни уметнички дострели, државната награда „Прешернова награда“ во 2015 година.
Во последните години Росана работи на исклучително значајни танцови серии, дуети со транс-гендер предзнак, кои и донесоа награди на многу значајни интернационални танцови натпревари, како и на домашната (словенечка) танцова платформа „Гибаница“. Росана Хрибар е трикратен добитник на наградата „River Man“ за најдобра претстава/изведба на годината, како и награда за танцовиот филм „10 години“, кој, покрај другото, е добитник и на „Награда на градот Виена за најдобар карток филм“ на фестивалот на Словенечки филм.
Короеграфката Рисимкин доби покана за оваа соработка, лично од Росана Хрибар, која минатата година ја виде нејзината короеграфија „Котел“ со Скопја танцовиот театар и „Р:Е.М. – Низа од соништа“ со кинеската современа танцова компанија „Nine Dance Theater“ од Пекинг.
На претставата работи и композиторот Тони Китановски, кој направи нова, оригинална музика за претставата, како и извонредниот Алан Хранителј, костимограф со светска кариера, кој меѓу другото работел и за „Curque du Soleil“.
Фотографии на Драго Видемшек